Ковачевски: Го затвораме прашањето на предвремените избори, ќе има редовни во 2024 година

Го затвораме прашањето за предвремените избори. Следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски. Тој зборуваше на прес-конференцијата по денешната средба со партиите кои се членки на владината коалиција.

Тој одговори на барањата од синоќешниот голем митинг на опозицијата на којшто беше побарао одржување на предвремените парламентарни избори.

– Граѓаните се под постојан притисок од неизвесноста која произлегува од растот на цените на енергенсите и на основните производи на светските пазари. Затоа во овој период тие очекуваат од партиите да им испорачаат стабилност на политички план, да понудат јасен концепт за справување со проблемите и целосна посветеност и одговорност во тој процес. сите заеднички заклучивме дека предвремените избори нема да ги решат проблемите на граѓаните туку ќе ги продлабочат. Затоа, го затвораме ова прашање. Следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година. Најави Ковачевски.

Најавите на опозицијата за блокади тој ги нарече како „неразумни“.

-Легитимно право е на опозицијата да ги користи сите демократски методи за политичка борба со власта, меѓутоа уцените за предвремени избори и обидите за блокада на законодавната власт ги оценуваме како неразумни и во најлош можен тајминг и целосно против интересите на македонските граѓани и држава. Граѓаните во оваа владина коалиција имаат стабилен партнер кој им служи на нивните потреби. Заеднички поминавме низ многу премрежја, ќе ги пребродиме и следните предизвици, бидејќи имаме план, знаење и силна волја, рече Ковачевски.

Тој додаде дека Владата во наредниот период продолжува со одговорот на кризата, преку испорачување нов пакет антикризни мерки, системски реформи, неселективна борба против високата корупција и усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ и ОДИХР.

– Усвоивме и потпишавме Декларација за обезбедување стабилност за граѓаните, домашната економија и бизнис секторот во услови на глобална криза. Целта на оваа Декларација е да даде дополнителна и цврста гаранција, но и јасна политичка посветеност за прилагодување на политиките на неопходноста од справување со негативните последици од најголемата криза после Втората светска војна, нагласи тој.

Во однос на евроинтегративниот процес, Ковачевски посочи дека на средбата биле реафирмирани позициите дефинирани во резолуцијата усвоена во македонскиот парламент, како и посветеност во почитувањето и реализирањето на одредбите од Охридскиот Рамковен Договор, Преспанскиот Договор, Договорот за добрососедство со Бугарија како и државниот стратегиски концепт за еднакво општество за сите. Врзано со францускиот предлог тој рече дека ќе се чека на конечна верзија.

-Нема да го коментираме предлогот додека предложениот документ не стане став на сите 27 земји – членки на ЕУ. Внимателно ги следиме случувањата во Народното собрание на Бугарија, па откако ќе биде усвоен предлогот и ние ќе го добиема како официјален предлог ќе го кажеме својот став, рече премиерот Ковачевски.

Претходна вестФатени двајца крадци, ограбиле маркет
Следна вестСанирано оштетувањето на мостот во Драчево