Ковачевски: Измените на КЗ не значат никакво помилување и амнестија за никого

Измените на Кривичниот законик не значат никаква амнестија, ниту помилување туку се донесени да се конкретизираат кривичните дела, судските постапки да бидат поефикасни, да се зголеми бројот на казнивите дела и конфискацијата, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Тој тврди дека немало „пазар“ околу донесувањето на измените и дека не можеме да градиме правосуден систем врз основа на законски одредби од 19 век и од комунистички режим.

-Ако имало амнестија денеска веројатно некој ќе биде амнестиран, бидејќи Законот е веќе потпишан од претседателот на државата. Прво, ова не значи никакво помилување и не значи никаква амнестија за никого. Ако го прочитате Законот тогаш ќе видите дека нема никакво помилување и никаква амнестија за никого, туку напротив, има конкретизација на кривичните дела кои некој ги направил. Што се правеше во минатото? Сите случаи се водеа под еден општ член – злоупотреба на службена положба. Сега се конкретизира што точно лицето направило. Кај нас се случуваше во минатото да имате еден случај со 10 обвинети по исти член и потоа 10 години некој им докажува кој што направил, објасни Ковачевски.

Негова оценка е дека „доколку обвините некого за нешто што направил конкретно, тогаш постапката е и поефикасна и постапката е поефективна“. Тој потсети дека невладините организации и меѓународниот фактор во Северна Македонија имаа забелешки зошто кај нас притворите траат по неколку години.

-Измените овозможуваат и поголема ефикасност и ефективност на судските постапки. Сите сме сведоци дека во државата се водат судски случаи кои се водат врз онова на општи членови и кои, бидејќи толку доглот траат, а се менуваат судии, обвинители, поротници, и на крај не се доаѓа до никакво резултат, рече Ковачевски. Со измените се зголемува и бројот на казниви дела, на фреквенцијата на казните, а не само на нивната должина. Што вреди ако 100 луѓе направиле некаква злоупотреба а само еден е казнет, потенцира премиерот.

Во однос на реакциите во јавноста дека можеби станува збор за меѓупартиски пазар во однос на измените на Кривичниот законик тој рече дека ако било некаков пазар каков што не било, тогаш веројатно и на друг начин ќе се одвивала целата постапка.

-Сите се согласни во едно дека државата мора да го усогласи законодавството со ЕУ, ова е чекор кон усогласување на законодавството во делот на Кривичниот законик со законодавството на ЕУ. Видов дека во Собранието немаше предолга дискусија на Комисијата за европски прашања од која било пратеничка група, дури видов дека сите пратенички групи беа во Собранието кога се гласаше, дел го поддржаа, дел сметаа заради нивното образование зашто се од други струки, дека им треба објаснување кое може да го добијат од професори на правниот факулте и експерти, за да можат да продолжат со одлучувањето и по однос на новиот Кривичен законик што се подготвува и врз основа на кој ќе се доусогласат сите одредби, истакна Ковачевски.

Претходна вестПриведен малолетник за тешка кражба во Скопје
Следна вестПортпаролот на Левица го запали Кривичниот законик