Не очекувавме ваков резултат, јасно е дека луѓето не казнија и тоа го прифаќаме. Ова е тежок удар за европската перспектива, но не е доцна да се смени правецот. Откажувањето не е опција за нас, нема да се откажеме од европската иднина, порача вечерва на прес-конференција лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски.
Тој рече дека имаат уште две недели да ја испратат пораката до секој дека единствениот начин за суштинска и вистинска промена е европската интеграција на земјата.
-Знаеме дека граѓаните с емногу уморни од европскиот пат, Европската Унија не ги одржа ветувањата, но нема друг пат. Време е да ги ставиме настрана сите разлики, да се обединиме околу европската иднина на земјата. Ако ја пропуштиме шансата ќе ни треба многу време да се вратиме на вистинскиот пат. Знам дека наши поддржувачи се разочарани, но не е доцна, не смееме да се откажеме, ќе работиме секој ден на терен да ја добиме поддршката. Нема да ги наведнеме главите, ќе продолжиме да се бориме, порача Ковачевски.
На новинарско прашање дали чувствува одговорност за изборниот резултат на денешните избори и дали размислува да понуди оставка од лидерската позиција, тој истакна дека за тоа ќе се дискутира во партијата по 8 мај, односно по вториот круг претседателски избори и по парламентарните избори.
-Никогаш не сум бегал од одговорност. Ова е самопрв круг, во вториот круг очекуваме подобри резултати. Што ќе се случува после избори одлучуваат партиските органи. Имаме втор круг од претседателски избори и парламентарни избори пред нас. По тие резултати ќе се разговара на Конгресот на партијата. Ова прашање ќе ми го поставите после две недели, а може и нема да мора да ми го поставите, изјави лидерот на СДСМ.