Мора да останеме мирни и разумни, но не треба да бидеме наивни. Ова е класична дистракција, на еден навистина перфиден начин, како да се одвлече вниманието од нашата европска иднина, оцени денеска македонскиот премиер Димитар Ковачевски. Тој, одговарајќи на новинарски прашања за насилството во Охрид при денешната посета на компанијата „Метро“, рече дека тоа нема да го дозволи, бидејќи местото на земјава е во европската заедница.
-Тие кои ги иницирале настаните не сакаат да ја видат Македонија во ЕУ. Јасно ми е дека има тензија и дека има многу прашања на оваа тема. Мора да останеме мирни и разумни, но не треба да бидеме наивни. Јас летово не седев и не преговарав во Брисел со 27 земји членки на ЕУ со едно горко чувство какво што делеа и нашите граѓаните, за сега да стоиме тука и да гледаме како бесмилосно направено насилство влијае врз сето она што е сработено и практично ја киднапира нашата меѓународна и европска иднина. Да бидам многу јасен, јас тоа нема да го дозволам, нема да дозволам да се одвоиме од европскиот пат и затоа ќе инсистирам овој проблем да се реши најбрзо од надлежните органи, рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека не оправдува насилство од било каков тип.
-Секогаш ќе го осудувам и ќе се спротивставам на било која провокација од внатре или од надвор, која ги повредува чувстњаата и Македонците и која буди немир кај нашите граѓани за мене такви провокации се недозволиви и кога доаѓаат од внатре и од надвор, нагласи Ковачевски.
Тој изрази задоволство што институциите реагираа брзо и МВР успеа веднаш да ги најде напаѓачите и случајот ќе биде расчистен за брзо време и по истиот, согласно по пријавите ќе постапува и Основното јавно обвинителството кое има надлежност во однос на овој случај.