Не сум портпарол на Талат Џафери, вака денеска одговори премиерот Димитар Ковачевски на опозициско пратеничко прашање за однесувањето на собранискиот претседател. Пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ во рамки на собраниската седница посветена на пратенички прашања, меѓу другото, праша дали премиерот ќе го осуди однесувањето на Талат Џафери кон собраниските служби.
-Наместо вие да му го поставите прашањето на претседателот на Собранието, ми го поставувате мене, а јас не сум негов портпарол. Вие бегате од прашање, а не јас од одговор, одговори Ковачевски
Тој додаде дека уште првиот пат кога дал изјаваоколу овој настан рекол дека не може да му наредува на Собранието на кој начин ќе го спроведува Етичкиот кодекс на однесување, туку за тоа постои соодветна Комисија.
-Исто така, не може на пратениците некој од надвор да им ги закажува седниците. Поради бојкотот на опозицијата во Собранието, голем број седници се откажани и голем број законски решенија не се носат. Ако може премиер да се јавува и тогаш веднаш да ги закажуваат седниците, тогаш да воспоставивме таква пракса. Но не може закажување на некоја седница, а на некоја не, да биде исклучок само затоа што некому тоа му одговара, рече Ковачевски.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски го праша Ковачевски околу Џафери, бидејќи ја заклучил вратата синоќа да се пребројат пред гласањето на претходната собраниска седница.
-Пак ми поставувате прашање за Собранието. Ако сакаат пратениците владата да им каже што да прават, како да прават и во колку саат, само пратениците може да го сменат Деловникот, кажа премиерот.
Во однос на тоа зошто при посетата на Ватикан ја носел и ќерка му Ковачевски рече дека не се пречекорени протоколите и дека не е невообичаено државникот да поведе по свој избор кој било член од семејството. Такви примери, рече, имало и порано кај нас и во светот и дека и тој што го придружува искажува почит и чест кон домаќинот.