Ковачевски потчукнат по рамо од Макрон и Мишел, во Македонија гледале сериозен партнер…

За поголемиот дел од македонските политичари едно од врвните достигнувања е да се сретне барем на поминување во кулоарите со некој лидер од ЕУ. А ако направи и заедничка фотографија, е тоа е веќе супер работа која треба да се покаже на македоската јавност.

Пред неколку часа премиерот Димитар Ковачевски на Фејсбук објави дека на маргините на 4. Самит на Советот на Европа во Рејкјавик имал куси средби со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, со францускиот претседател Емануел Макрон и со белгискиот премиер Александар де Кру. Објави и фотографии од кусите средби, на кои „го споделиле оптимизмот за што побрзо членство на Македонија во Европската Унија и за брз реформски процес“.

-Нашите меѓународни партнери и поддржувачи го препознаваат напредокот на нашата држава. Во Северна Македонија гледаат сериозен партнер кој се залага за демократија, слобода, мир и негување добрососедски односи. Европска перспектива на нашата земја е неповратен процес во кој имаме поддршка од нашите европски пријатели, пишува премиерот Димитар Ковачевски на својот фејсбук-профил.

Ковачевски, кој учествува на 4. Самит на Советот на Европа во Рејкјавик, вели дека на маргините на состанокот имал куси средби со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, со францускиот претседател Емануел Макрон и со белгискиот премиер Александар де Кру.

Срдечна средба со Шарл Мишел, пишува Ковачевски и наведува „голем пријател и поддржувач во нашата стратегиска определба за полноправното членство на Северна Македонија во Европската Унија“.

За средбата со францускиот претседател Емануел Макрон, Ковачевски вели дека со него го споделиле оптимизмот за што побрзо членство на Македонија во Европската Унија и за брз реформски процес.

-Во наш интерес е влијателни лидери како што е францускиот претседател да ни бидат поддршка на нашиот пат кон ЕУ, вели Ковачевски.

Средбата со белгискиот премиер Александар де Кру, како што пишува Ковачевски, била пред отворањето на Самитот.

-Драго ми е што Белгија дава огромна поддршка за нашиот европски пат и секако за нашата заложба за реформи. Нашата добрососедска политика со земјите од регионот е добар пример и поздравена и од Белгија, пишува во објавата на Фејсбук премиерот Димитар Ковачевски.

Колку вакви куси средби се овековечени со фотографии не е познато, но албумот на премиерот е сигурно полн. А дали има и полно позитивни придобивки за Македонија од сето тоа исто така не е баш познато.

Претходна вестНАСА: Ако смртоносната соларна бура се упати кон Земјата, ќe имаме половина час за да се подготвиме
Следна вестСДСМ да не глуми изненаденост, Скопје е жртва на нивниот криминал, порачува ВМРО-ДПМНЕ