Во проверка дали по маркетите има доволни количества леб денеска беа премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши. Двајцата посетија продажен објект на еден од поголемите синџири маркети за да се уверат дали во маркетите е испорачан бел и полубел леб чијашто цена е замрзната.
Веста за ова на својот профил на Фејсбук ја сподели премиерот Ковачевски при што наведе дека сакал лично да се увери увери во фактичката состојба со производството и испораката на белиот и полубелиот леб во маркетите.
-Го разбирам револтот на граѓаните за потегот од страна на трговците и производителите на лебот, како реакција на одлуката за замрзнување на цената на белиот и полубелот леб на 33 денари, што се одрази негативно на секојдневните потреби на граѓаните. Со новата владина за одлука за снабдување на лебот со замрзната цена, го штитиме стандардот на граѓаните, наведе во објавата Ковачевски.
Но, од објавените фотографии не може да се заклучи дали на гондолите има бел или полубел леб чијашто цена е замрзната на 33 денари. Наместо тоа, полиците се полни со специјалните видови леб кои најверојатно во маркетот биле испорачани уште пред неколку дена. Нивните цени, како што се забележува на фотографијата, се движат од 52 денари, па сè до 95 денари.
На една од фотографиите се гледа како Ковачевски зема да купи еден леб во целофанско пакување но цената не е видлива.