По информацијата дека поранешниот премиер, Димитар Ковачевски, и поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски во следните 12 месеци ќе земаат апанажа во износ од 2.500 евра, не стивнуваат реакциите и негодувањата на граѓаните на Македонија. Според многу граѓани, тој чин е ненаситност и треба да засрами самите земачи на апанажа.
Но, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, земањето на дебелата апанажа ја оправда со тоа што се било според закон.
– Јас бев претседател на Владата во исклучително тешко време, својата функција ја обавував согласно законот на РСМ, согласно законот за Влада и согласно законот за избори поднесов оставка. Сите одлуки коишто се носени после тоа во однос на примањата на функционери кои извршувале такви функции се направени согласно законот. Сметам дека сите треба да ги почитуваат законите и токму како резултат на законите коишто се почитуваат имаме зголемување на просечната и минималната плата во односн на 2016 и 2017 година. Тоа не се коментира, тоа е законско решение, рече Ковачевски.
Тој кажа дека нема свои компании, иако бил обвинуван дека има. Затоа, според него треба да следува апанажа, за да може да се искористи одреден временски период да се направи трансфер во кариерата.
– Доколку некој извршувал општествена функција треба да следува апанажа да може да искористи одреден временски период својата кариера да ја насочи кон некоја друга. Не би сакал да давам популистички изјави дека нешто не треба да се прави, затоа што таа се прави за многу избрани и именувани функционери. Има луѓе што седат четири години во Парламент и после тоа ако не се веќе дел од Парламентот треба да направат трансфер на својата кариера во некоја друга област, одговори Ковачевски.
Остана недообјаснето дали во Собранието има и членови на СДСМ кои седат 4 години…