Од перспектива на времето кога Бранко Црвенковски ги извршуваше функциите на претседател и премиер на државата било практично несфатливо дека може да се дојде до договор со Грција и дека земјава ќе стане членка на НАТО, оцени денеска премиерот Димитар Ковачевски. Тој одговори на новинарско прашање врзано за вчерашниот настап на поранешниот македонски претседател Цервенковски кој изрази песимизам дека Македонија до 2030-та година може да стане членка на Европска Унија.
Ковачевски смета дека излагањето на Црвенковски било корисно.
-Секогаш е од која перспектива гледате. Имаше луѓе кои беа песимисти дека никогаш нема да станеме членка на НАТО – ние станавме. Така што, важно е да се остане верен на целта која ја сакаат граѓаните и да се работи таа цел да се оствари“.
-Кога ќе погледнете од временска перспектива, тогаш во еден момент некои работи можат да ви се чинат неостварливи или тешко остварливи. Јас сум зборувал со негови колеги кои биле советници во неговиот кабинет, кои се мои блиски пријатели, кои велат: „За нас од тогашна перспектива беше несфатливо да се дојде до договор со Грција и државата да стане членка на НАТО. Од оваа перспектива гледаме дека можело да се постигне договор“. Исто така, никој не очекуваше дека минатата година ќе добиеме преговарачка рамка, по 17 години, но ние заедно со пратениците и 27 членки усвоивме преговарачка рамка. Јас верувам дека до 2030 година можеме да бидеме членка на ЕУ ако ги донесеме одлуките кои се очекуваат од нас. Подоцна, да го довршиме и процесот на скрининг, да ги отвориме поглавјата и да ги затвориме поглавјата. Има отворен прозорец од ЕУ, рече Ковачевски.
Тој додаде дека члеството може да се оствари до 2030-та година.
– Јас верувам ние до 2030 година дека ќе ги затвориме преговорите. Ако ја погледнете изјавата на Урсула фон дер Лејен која ја кажа после нашата средба, и таа зборуваше за отворен пазар и помош за кандидатите за членство во ЕУ. На секој состанок со ЕУ ние истакнуваме дека разликата во парите кои ги добиваат земјите членки и кандидатите е многу голема и дека треба да се намали за да се намали и јазот помеѓу земјите. Тоа беше корисно излагање од Црвенковски и со должна почит ги следам активностите на бившите претседатели, истакна Ковачевски.
Посочи дека ги цени ставовите на Црвенковски и другите експретседатели и експремиери.
-Со големо внимание ги следам изјавите на секој бивши претседател или премиер на државата. Тие извршувале високи функции и воделе значајни процеси, особено господинот Црвенковски. Тој беше премиер осум години и претседател пет години, тоа се 13 години извршување на двете најголеми позиции. Тој има поминато многу искуства во текот на своите мандати и има учествувано во голем број одлуки, рече Ковачевски.