Успех на млади македонски физичари: Две сребра и една брозна на Европската олимпијада по физика

Најголемиот успех во досегашното учество на Европската олимпијада по физика постигнаа ученици од Македонија, членови на тимот кој не претставуваше на оваа, седма по ред, смотра што денеска заврши во Хановер, Германија. Друштво на физичарите на Република Македонија денеска соопшти дека тие освоиле два сребрени медали, еден бронзен медал и една награда за успешно учество (пофалница).

-Јан Стојановски, ученик во трета година во ПСУ Јахја Кемал – Скопје, освоит сребрен медал,  Мајкл Георгиевски, ученик во четврта година во СОУ Гимназија Добри Даскалов – Кавадарци – сребрен медал, Емилија Николовска, ученичка во трета година во Математичко – информатичка гимназија – Скопје, бронзен медал и Матеј Гелев, ученик во трета година во ПСУ Јахја Кемал – Скопје, награда за успешно учество (пофалница), се наведува во соопштението.

Во тимот учествуваше и достојно го покажа своето знаење и Дамјан Стојанов, ученик во втора година во ПСУ Јахја Кемал – Скопје.

Тимот го предводеа проф. д-р Ирина Петреска, редовен професор на ПМФ во Скопје и член на ДФРМ и м-р Христијан Кочанковски, асистент на ПМФ во Скопје и член на ДФРМ.

На 7. Европска олимпијада која се одржа од 16 до 20 јуни учествуваа 38 држави и тоа 28 држави од Европа и 10 држави надвор од Европа. Секоја од државите на олимпијадата имаше право да пријави тим од 5 ученици.

Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ) се заблагодарува на водачите на тимот кои презедоа најголем товар при подготовките на учениците, како и на дипл. инж. Гоце Геговски и проф. д-р Трифче Сандев од Институтот за физика при ПМФ во Скопје, кои исто така посветија голем дел од времето за успешна подготовка на тимот.

ДФРМ се заблагодарува на Институтот за физика и на Природно-математичкиот факултет за помошта при подготовката на тимот и отстапувањето на простор и опрема.

-ДФРМ се заблагодарува на родителите на учениците, кои го презедоа најголемиот дел од финанскиот товар за учество на тимот на оваа олимпијада. Останатите средства беа обезбедени од страна на ДФРМ. ДФРМ им честита на сите ученици за достојното претставување на Македонија на оваа олимпијада и на наградените ученици. Тие се дел од тимот кој ќе ја претставува Македонија на 53. Меѓународна олимпијада по физика во Токио, Јапонија и им посакуваме уште поголем успех следниот месец!, се наведуав во соопштението.

Претходна вестИзложба во Чешка: 20.000 црвени стапалки во спомен на децата прогонети од своите домови во Егејска Македонија
Следна вестКовачевски за песимизмот на Црвенковски: Во негово време беше неостварливо да бидеме членка на НАТО и да преговараме со ЕУ