Лично сметам дека министерката за одбрана Славјанка Петровска ве информирала, но дека заеднички сте се договориле да го забошотите случајот со изнудените сексуални услуги од високите офицери и да не преземете најстроги дисциплински мерки, ми пиша денеска пратеникот Драган Ковачки на шефот на државата Стево Пендаровски.
Тој му упати отворено писмо на Пендаровски откако шефот на државата изјави дека „не знаел за скандалот со изнуда на сексуални услуги во АРМ“.
-Претседателе Пендаровски, зошто бегате од одговорност? Барате од мене да доставам информации до надлежни институции, а Вие како врховен командант на АРМ сте надлежна институција. Според тоа, барате од мене да Ви доставам информации за изнудите на сексуални услуги. Во ред, се согласувам, кажете кога имате термин, од овој момент, па во следните денови, во кое било време од денот и ноќта, кога Вие ќе одлучите, јас Ви стојам на располагање да дојдам кај институцијата Претседател, наведува Ковачки.
Тој додава дека Пендаровски треба да постапи институционално, за тоа да се информира од министерката за одбрана, која од собраниската говорница потврди дека знаела за изнудите на сексуални услуги од високите офицери, но дека не презела ништо против нив.
-Не сте преземале ниту Вие, со што и Вие создавате услови овие дејства да продолжат да се повторуваат. Знаете дека офицерите во ранг генерал и полковник се во Ваша директна надлежност и за тоа по службена должност требало да Ве информира Министерката за одбрана. Не навлегувајќи во овој момент во други подробности, не сакам да се сомневам дека таквата информација ја скрила од Вас. Лично сметам дека таа Ве информирала, но дека заеднички сте се договориле да го забошотите случајот и да не преземете најстроги дисциплински мерки. Доколку, пак, министерката не Ве информирала, тогаш тоа е сигнал дека има нефункционалност на комуникацијата помеѓу врховен командант и министер за одбрана, а особено поврзана со случки што може да влијаат и на борбената готовност на АРМ. И во двата случаја – и да сте знаеле (а сметам дека сте знаеле) и да не сте знаеле (како што сакате да изгледа) е еднакво поразително за Вас. Мора да се расчисти кој учествувал во забошотување на случајот и зошто, пишува Ковачки.