Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски излажа за два клучни моменти од истрагата за киднапирањето и убиството на велешанецот Панче Жежовски и малата Вања Ѓорчевски, обвини денеска на прес конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
– Оливер Спасовски ја излажа македонската јавност за два клучни моменти. Прво, дека возилото на убиениот Панче, со кое е извршено киднапирањето на Вања, не било барано затоа што не знаеле дека и тоа е исчезнато. Ова е лага затоа што возилото е пријавено во СВР Велес како исчезнато, за што постои и официјален запис во МВР. И второ дека возилото за прв пат е снимено од камерите на системот „Безбеден град“ на 27 ноември, односно на денот на убиството на Вања, рече Ковачки.
Тој повторно побара Спасовски да одговори дали е точно дека возилото е регистрирано на системот „Безбеден град“ на 24 ноември во 6:30 и на 25 ноември во 21:15 кај Маџари.
– Потенцираме дека овој податок го има и Спасовски, а зошто ја лаже јавноста не знаеме, и бараме одговори. МВР на Спасовски целосно потфрли и за ова мора да има одговорност. Најмалку сакаме овие информации кои ги објавуваме да се сфатат во насока на некакво партиско политичко препукување. Но, должни сме јавноста и сите граѓани да предупредиме на пропустите во истрагата на министерот Спасовски како и на нивните погрешни информации кои ги соопштуваа, кои доколку не се случеа, убијците на Вања ќе беа откриени и немаше да се случи второто убиство. Очекуваме одговори на нашите прашања, рече Ковачки.