Кривична пријава до надлежното јавно обвинителство за сопственикот на свињарската фирма во светиниколското село Амзабегово, ќе поднесе Државниот инспекторат за труд. Таму на 8 јануари на лице место од труење од хемиска супстанца почина 45-годишен работник, а неговиот 53-годишен колега, кој притрчал да му помогне е со оштетување на мозокот.
Директорката на ДИТ Весна Томовска вели дека по извршениот надзор ја има утврдено фактичката состојба. Утврдено е дека работодавачот не ги презел потребните безбедносни мерки во делот на спроведувањето на работните обврски од страна на работниците, а коишто се однесуваат на Законот за безбедност и здравје при работа.
-Односно дозволил пристап на ангажираните работници на работни места, на кои биле изложени на сериозни и специфични опасности без притоа тие да добијат посебни упатства за работа. Самото место на извршувањето на работните задачи не било обезбедено со знаци за опасност, знаци за задолжително однесување, а работниците не носеле лична заштитна опрема за респираторна заштита, вели Томовска.
Посочува дека работодавачот не изготвил и не спровел изјава за безбедност, со спроведување на постапка за проценка на ризик на работните места, потоа не обезбедил потребна обука за безбедност и здравје при работа за работниците, воедно тој не им обезбедил и лична наменска опрема на работниците за респираторна заштита на двајцата работници.
Јавниот обвинител кога ќе ја добие кривичната пријава од ДИТ ќе ја одреди квалификацијата на делото и врз основа на тоа ќе се знае колкава ќе биде казната за работодавачот.