Често каснување на граѓани дури и малолетни деца од страна на кучиња скитници…, но и сурово труење на кучињата, а завчера и убивање на куче со пиштол во населбата Аеродром… Ова е реалноста во која што последниве месеци живее градот кога е во прашање проблемот со незгрижувањето на кучиња-скитници од страна на градските власти.
Случаите стануваат се попоразителни. Малолетно девојче минатиот петок било искаснато од куче-скитник на булеварот „Јане Сандански“. Ден претходно имаше неколку случаи на нападнати и повредени граѓани – искасана била 55-годишната жена во населбата Хиподром, во Драчево настрада 50-годишниот жител откако беше нападнат пред влезот на локалната полициска станица, во Центар на булеварот „Кочо Рацин“ настрада 33-годишниот скопјанец…
Инцидентите станаа секојдневни и се побројни. Од друга страна дел од граѓаните стануваат се посурови кога е во прашање односот кон бездомните кучиња. Кон крајот на минатата година јавноста беше шокирана од масакрирањето на две кучиња во населба Аеродром што со секира го извршил еден 17-годишник. Потоа, во април годинава следеше труење на неколку кучиња во населбата Ново Лисиче од отровот кој им беше поставен во непосредна близина на детската градинка. Бруталноста кулминира завчера кога три непознати лица со пиштол застрелале куче скитник во Ново Лисиче…
Очигледно, работата станува се посериозна и мора брзо да се реагира. А еве овој голем градски проблем никако да почне да се решава. Веќе цела година воопшто не се спроведува заловување и стерилизација на кучиња-скитници што доведе до нивно големо намножување. Се чекало да профункцинира градското претпријатие за хуман третман на овие животни „Лајка“ кое беше основано во февруари годинава. Се чека и да заврши реконструкција на стационарот „Вардариште“ која никако да се приведе до крај. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов не така одамна најави дека тоа претпријатие ќе профункционира кон крајот на мај. Сега веќе почна и јуни, но нема нова најава дали работите ќе се завршат и ова претпријатие ќе почне да го решава големиот градски проблем.
Во меѓувреме, граѓаните на социјалните мрежи на големо и жестоко се расправаат околу тоа дали треба да се води сметка повеќе за луѓето или за животните… Се разменуваат и навреди и тешки квалификации за тоа кој има повеќе право. а кој не.
А всушност само треба Градот да реагира навремено со цел – заштита на луѓето и соодветно згрижување на кучињата скитници во Скопје. Зарем е толку тешко да почне да се прави тоа?