Кучињата во ЈП „Лајка“ веќе нема да смрзнуваат, активистите донираа котел за греење

Бездомни животни сместени во ЈП „Лајка“ веќе нема да смрзнуваат откако активистите за заштита на животните на ова градско претпријатие му донираа котел за греење.

-Активистите за заштита на животни уште еднаш на дело ја покажаа својата голема хуманост. Денес донираа котел и негова инсталација за бездомните кучиња во ЈП „Лајка“. Котелот веќе е поставен и ќе биде пуштен во употреба, па кучињата кои транзитираат во прифатилиштето “Лајка„ ќе имаат топол престој оваа зима за време на нивниот хуман третман. Со изнаоѓање на решение за овој проблем, кучињата во ЈП Лајка нема да ја почувствуваат ниту оваа сезона студената зима. Неизмерно сме им благодарни на активистите како и досега за нивните заложби во нашата заедничка хумана мисија, соопшти денска ова градско претпријатие.

Проблемот со загревањето на просториите се појави неодамна откако поранешната директорка на „Лајка“ Тина Петрушевска си го земала котелот за греење. Тој беше во нејзина лична сопственост, а таа времено го отстапила на користење во „Лајка“ за да се греат животните.

Претходна вестУкраински проектил С-300, наводно паднал во Белорусија
Следна вестАлбанската полиција спречи шверц на 58 килограми хашиш наменет за Македонија