На социјалните мрежи се појави уште една лажна страница која се претставува како официјална страна на скопскиот интернационален аеродром и притоа шири лажни информации дека се расчистува складиштето, односно дека продава изгубен багаж за 1 евро. Од ТАВ Македонија информираат дека страницата со име „Alexander the Great Airport“, лажно се претставува, шири лажни информации за наводна продажба на изгубен багаж и со овие невистини нанесува штета на угледот на ТАВ Македонија и на Меѓународниот Аеродром Скопје.
– Поради ова, ТАВ Македонија ќе ги преземе сите правни мерки со цел да го заштити својот углед. Ние сме одговорна компанија која се грижи за своите клиенти – авиокомпаниите и патниците. Во аеродромскиот бизнис никогаш не се тргува со изгубениот багаж, туку тој им се враќа на сопствениците по регуларната постапка за изгубен багаж, потенцираат од „ТАВ Македонија“.
Единствената Фејсбук-страница на Меѓународниот Аеродром Скопје, управувана од ТАВ Македонија, е „Skopje International Airport – SKP“, како и страниците со истото име на Инстаграм и Твитер. Сите други страници на социјалните мрежи кои што можеби ќе ги сретнете лажно се претставуваат и немаат никаква врска со Меѓународниот Аеродром Скопје и нашата дејност.