Националниот џез оркестар утревечер (1 октомври) на Летната сцена „Славиша Кајевски“ ќе настапи со концерт со хитови на Битлси, а веќе на 8 октомври на сцената на МНТ, ќе одржи концерт со студентите од Факултетот за музичка уметност во Скопје и Џез академијата во Штип.
Вонвременските хитови на легендарните Битлси, ќе прозвучат на сосема нов начин на концертот на Националниот џез оркестар, што ќе се одржи утревечер, на 1 октомври на Летната сцена „Славиша Кајевски“-МНТ со почеток во 21 часот. Нашите џезери ветуваат оригинална интерпретација и незаборавна вечер со композиции на ливерпулската четворка која ја смени рокенрол музичката историја.
Како солисти на концертот ќе ги слушнеме нашите истакнати музичари: Кирил Кузманов, Славко Георгиев, Трајче Велков, Виктор Филиповски,, Сашко Николовски и Гордан Спасовски под диригенство на маестро Џијан Емин.
Една недела подоцна, поточно на 8 октомври Националниот Џез оркестар со задоволство најавува и специјален концерт, со почеток во 20:00 часот, во Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје., кој ќе ги спои искуството на професионалните музичари и талентот на студентите од Факултетот за музичка уметност во Скопје и Џез академијата во Штип.