Од политичката партија Левица обвинија дека односот на власта кон медиумите е тоталитарен. Како доказ за тоа ја наведуваат вчерашната прес-конференција на Министерот за економија Крешник Бектеши, на која тој ги омаловажувал новинарите.
– Министерот за економија Крешник Бектеши, на вчерашната прес-конференција, по поставено прашање од новинарите, со несоодветен и дрзок коментар ги омаловажи. Откако новинарите изреагираа и му посочија на Бектеши дека изнесува дрски и безобразни коментари кон нив, тој наместо извинување и соодветен одговор на прашањето, продолжи со дрското однесување, коментирајќи дека тие не се повикани да даваат коментари и да поставуваат прашања.
Тука за жал не станува збор за изолиран случај, туку за негативен тренд на однесување кон новинари од страна на владејачката гарнитура предводена од ДУИ и СДС што бележи пораст, а ова е дури четврт негативен испад на овие политичари. Своето дрско однесување кон новинарите во изминатиот период го покажаа премиерот Димитар Ковачевски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и вчерашниот случај во Министерството за образование и наука (МОН), од советникот на министерот Јетон Шаќири, се вели во партиското соопштение на Левица.
Според Левица овој како што велат арогантен и понижувачки однос на Бектеши и останатите државни функционери од власта, на чело со премиерот Ковачевски кон новинарите го отсликува тоталитарното владење на хибридниот режим.