Најавата на министерот за здравство не ги задоволи пациентите со цистична фиброза, утре ќе протестираат пред Владата

Најавата на министерот за здравство Беким Сали дека прво ќе се набави терапија за осум најтешки пациенти, а потоа и за 22 други, не ги задоволи заболените од цистична фиброза. Тие за утре најавија дека ќе одржат протест пред Владата.

– Изреволтирани сме и разочарани од изјавата на министерите. Се надевавме и баравме исклучително писмен документ во кој ќе гарантираат дека работите ќе се движат. Бидејќи последните години сме доста излажани со усни ветувања, веќе не можеме да се потпираме на нив, кажа Фики Гаспар од Асоцијацијата за цистична фиброза.

Министерот Сали денеска најави дека ќе се направат измени на Законот за јавни набавки и други закони поврзани со набавка на лекови, и оти се надева дека во најскоро време со обезбедување финансиски средства ќе се обезбеди лекот „трикафта“ за пациентите со цистична фиброза. Лекот првично ќе се набави за осум пациенти во потешка состојба, а стремежите се набавка на лек за 30 пациенти во текот на оваа година.

Претседателката на Асоцијацијата Ивана Атанасоска рече дека министрите не ја сфаќаат итноста.

-Следен пат кога политичарите ќе носат одлука, нека пробаат да дишат низ сламка, па ќе ја сфатат итноста на нашата ситуација. Имаме пациенти кои се веќе постојано на кислородна поддршка, но тој број постојано ќе се зголемува затоа што времето нас не ни оди во прилог, порача таа.

Претходна вестЛевица: Бектеши и останатите од власта имаат арогантен и понижувачки однос кон новинарите
Следна вестФатен убиецот на Италијанската мафија, работел како пица мајстор