„Левица“: Изјавите на амбасадорката Агелер го нарушуваат суверенитетот и претставуваат мешање во внатрешните работи на државата

Конкретните изјави на амбасадорката на САД Анџела Агелер, не само што го нарушуваат суверенитетот како еден од столбовите на демократскиот поредок во државата, туку и претставуваат директно поткопување на македонските национални интереси, особено ако се земе предвид дека се однесуваат на внатрешното уредување, Уставот како највисок правен акт и македонскиот идентитет, реагира денеска партијата „Левица“.

Во партискиото соопштение на оваа опозициска партија се наведува дека третирањето на Македонија како субјект поданички подреден на западниот неоимперијализам предводен од САД, домашните политички вазали го позиционираа како норма на поведение.

-Неретко слушаме како амбасадорите на некои од земјите членки на ЕУ, а најчесто на т.н. „стратешки партнер“ ја злоупотребуваат својата моќ и влијание и излегувајки надвор од ингеренциите за кои се ополномоштени и акредитирани и грубо се вмешуваат во внатрешните работи на земјава. Влијанието кое го вршат врз политичките одлуки, најчесто, се прави преку повикување на интеграционите процеси или некакви вредности и доаѓаат во фаза на наложување како државата да се однесува по одредени внатрешни и, речиси, севкупни надворешни прашања и интереси, велат од партијата Левица.

Партијата потсетува дека вазалската подреденост на СДСМ ги сруши државните позиции по клучните национални прашања и стратешки интереси.

-За жал, новата власт предводена од ДПМНЕ продолжува да води идентична вазалска политика како нејзините претходници. Изминативе денови имавме прилика да слушнеме неколку изјави на Амбасадорката на САД кои ги нарушуваат националните интереси и позици на државата и на македонскиот народ, но истите не само што не наидоа на соодветна реакција од државната власт и беа игнорирани, туку и добија дополнителен легитимитет со тоа што новите функционери, наместо најавеното „фаќање“ за работа, го „фатија“ патот право во Амбасадата на САД! Амбасадорите на ниту една земја не смеат да даваат насоки ниту јавно, ниту позади затворени врати, за тоа какви решенија треба да донесуваат нејзините министри или пратеници. Давањето изрични изјави во форма на наредба (па дури и закана), за државните политики е директно вмешување во внатрешните работи. Во една демократска земја, власта суверенитетот го влече од народот, не од странските амбасади!, нагласувата од „Левица“.

Се укажува дека ваквиот колонијален менталитет што наѕира уште во првите денови од управувањето со државниот апарат, покажува дека Владата нема да ги спроведува политиките за кои беше избрана, туку ќе ги следи насоките од одредени амбасади што од демократска, нè прави амбасадократска држава.

-„Левица“ ги повикува Владата на ДПМНЕ и МНР за секоја ваква изјава да возвратат со соодветна реакција и да не дозволат ова да продолжи како пракса, без разлика за тоа амбасадор на чија земја ја има дадено истата. Апелираме до секој акредитиран дипломатски кор во земјава да не излегува од ингеренциите предвидени со меѓународното право, да се воздржи од изјави кои го нарушуваат државниот суверенитет или претставуваат какво било мешање во внатрешните работи на Македонија, вклучувајќи ја и амбасадорката на САД – Анџела П. Агелер, се наведува во соопштението на партијата „Левица“.

 

 

Претходна вестДамева е против распуштање на Судскиот совет, постои одговорност со име и презиме
Следна вестУапсена кавадарчанка која му се заканувала на сопругот, зад решетки и кавадарчанец кој обљубил сограѓанка