„Левица“ со кривична пријава му го честита заминувањето на Талат Џафери од спикерското столче

Димитар Апасиев и Борислав Крмов – пратеници од „Левица“, до Основното јавно обвинителство Скопје, денес поднесоа заедничка кривична пријава против претседателот на Собранието на Република Македонија – Талат Џафери, заради основано сомневање за сторено кривично дело „Несовесно работење во службата“, казниво по чл. 353-в од Кривичниот законик, со запретена затворска казна до три години.
Ова е девета пријава од двајцава пратеници е поднесена поради пропуштање должен надзор и злонамерно несовесно постапување во случаите со шверцуваните пет закони за „Бехтел и Енка“ (Законот за стратешки партнер за коридорите 8 и 10-д + Законот за урбанистичко планирање + Законот за градење + Законот за експропријација + Законот за работни односи), кои спротивно на сите деловнички правила беа пуштени со европско знаменце – без пополнета кореспондентна табела и без потпис од надлежните министри.
-Пријавениот бил должен истите да ѝ ги врати на Владата, како предлагач, со барање за усогласување со одредбите од Деловникот – а не го сторил тоа, поради што го довел парламентот во заблуда и ги повредил загарантираните уставни права на пратениците, за што подлежи на кривично-правен прогон по службена должност.
Ја известуваме македонската јавност дека правниот тим на Левица подготвува уште најмалку две кривични пријави против Џафери, за различни кривични дела против службената положба и овластување, а нивното процесуирање ќе биде услов на Партијата за учество во било која идна Влада на Република Македонија, стои во партиското соопштение.
Претходна вестИзречена пресуда за случајот „Ласкарци“: Вкупно 39 години затвор за обвинетите, најголема 14-годишна затворска казна за возачот
Следна вестСе чека само амин од Финансии за да 1.117 вработени со договор на дело во здравството добијат трајни вработувања