Скулптурите на Светите Кирил и Методиј, најзаслужните за описменувањето не само на Македонците, туку и на севкупниот словенски свет, се оставени да гнијат во тревата, покрај паркингот на хотелот „Гранит“ во Охрид, градот на УНЕСКО, занемарени од институциите веќе подолго време, реагира денеска Левица.
Ова опозициска партија наведува дека, според сознанијата, тие се во сопственост на градежното друштво „Гранит“.
-Дали можеби ова е намерно, поради тоа што доскорешниот сопственик на ова друштво, Сашо Милковски е долгогодишен член на СДС, која последниве седум години макотрпно работи на предавање на сето достоинство, наследство и историја на Македонија поради надворешните апетити на „добрите соседи“, тоа не можеме да го знаеме со сигурност, но, секако сомнежот постои. Сега со него раководи неговиот син, Зоран Милковски, но, особено во Македонија, важи старата изрека – „крушата под круша паѓа“. Дали е одоброволување и удоволување на Бугарската страна во историскиот спор? И тоа е многу веројатно, судејќи според чекорите на оваа власт, која целокупната македонска историја ја стави на продажба за фиктивниот влез во ЕУ. Дали рушењето и запуштањето на историјата и историските споменици се начинот на заштита на македонскиот идентитет и тоа во услови кога соседските шовинистички политики се пуштени на најсилно? И кога токму Св. Кирил и Методиј се историските ликови околу кои се кршат копјата во историската комисија?, се наведува во партиското соопштение.