Продолжува да се турка деформираната концепција за реформи во образованието, реагира опозициската партија Левица на најавите од министерката за образование Мила Царовска дека се подготвени наставните програми за промени во прво и четврто одделние во основното образование. Оваа партија потенцира дека МОН и Царовска не понудиле ниту еден одговор на мноштвото прашања, кои стручната и општата јавност со право ги поставила во врска со промените во концептот на основното образование.
–Повеќе од јасно станува дека кредитот од 21.500.000 евра со кој министерката ја задолжи државата, односно граѓаните, повторно ќе оди во насока на задоволување на незаситниот апетит на бројните хонорарци, без било каков друг концепт, кој би придонел за унапредување на образованието, особено затоа што во концепцијата нема никаква трага од иновативна педагогија, којашто подразбира интензивно користење на дигитални алатки, односно вклучување на новите технологии во самиот процес на учење, потенцираат од Левица.
Во соопштението се укажува дека во врска до програмите стигнуваат реакции од стручни лица во областа.
–Така, професорка во пензија од Педагошкиот факултет „Климент Охридски“ – Скопје, д-р Благица Петковска, чиј главен предмет бил Методика на настава по Македонски јазик, коментирајќи ја програмата наведува „се нижат рубрики кои внесуваат смут, каде не се разграничени активностите од целите и очекуваните резултати, активностите станале содржина, целите се непрецизни, стандардите не се соодветни, именуваат подрачје за кое не се упатени – ‘Говориме и слушаме’, внесуваат ‘Почетно читање и пишување’, а содржина пишување нема. И самите креатори не ги познаваат формите на изразување и творење. Треба да се има предвид дека врз основа на оваа Програма треба да се изработат учебници и други дидактички материјали., нагласуваат од оваа партија.
Левица укажува и на тоа дека евидентно е немањето ни малку разбирање за дејноста и за моментот. Односно, дека во време кога се живее една изместена пандемиска реалност, веќе втора година се импровизира образование, кога сите нормални општества размислуваат како ќе го амортизираат бранот психолошки заболувања, кои неминовно ќе се појават по акумулираниот стрес, во период кога децата во раст и развој пропуштија ненадоместливи периоди од развојот, надлежните се занимаваат со брутално туркање контроверзни и лошо концепирани реформи во образованието.
–При тоа, институцијата која се појавува како носител на реформата, односно БРО, низ годините има наплатено богата историја на реформи, иако ниту еднаш нема излезено со анализа на резултати од било која од тие наводни реформи, кои секојпат, како и овој, почнуваат и завршуваат со серија бесцелни и нефункционални обуки и делење мрсни хонорари за обучувачите, смета оваа опозициска партија.