За изложените ликовни дела критички осврт ќе има проф. Владимир Величковски. Во Галеријата на Младински културен центар во Скопје в петок (23 февруари) во 20:00 часот ќе биде отворена изложбата „Кобалт Синергија“ на која ќе бидат изложени 25 ликовни дела од ликовниот уметник Венко Цветков, со проекција на видео-ролна и две видео-арт остварувања на учесникот во проектот Симон Гегај.
За изложените ликовни дела критички осврт ќе има проф. Владимир Величковски.
Во содржината на видео ролните се и концепциските опсервации во вид на записи на третиот учесник во проектот Корнелија Буклеска.
Ова е приказна за кобалтот (како елемент и како боја) како и она за синергијата, па така и оваа нивна заедничка, е вечната вистина за животот кој не опстојува во праволиниско течение – вели Буклеска, која е и новинарка и главен уредник на редакцијата за култура и уметност при Радио Скопје.
Венко Цветков дипломирал на академијата за ликовни уметности во Љубљана во 1984 година, а живее и работи во Скопје. Симон Гегај, роден 2005 година во Скопје, е ученик во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, на отсекот мултимедија.