Нема да се отстрануваат лимените тараби околу новата црква на улица „Македонија“ во центарот на Скопје што неодамна го најави општина Центар. Од оваа скопска општина денеска информираа дека по барање на Македонска православна црква – Охридска архиепископија тарабите и натаму ќе останат се до завршувањето на објектот чијашто градба трае веќе десетина години. Од општина Центар наведуваат дека финалните работи на објектот наскоро треба да бидат готови.
-Одлуката кругот на црквата да остане ограден е пред сѐ поради безбедносни причини со оглед на фактот дека над камбанаријата сѐ уште се извишува кран. Општина Центар ќе ги извести граѓаните и јавноста за сите следни чекори кои во иднина ќе бидат преземени во однос на ова прашање, информираат од Центар.
Ова е договорено на денешната средба на градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски со поглаварот на МПЦ, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан со кој разговараше за моменталната состојба со црквата.