МАЕИ: Не го признаваме пописот во Албанија, бројките за македонското малцинство се манипулирани и фалсификувани.

Oгорченост и непризнавање на објавените резултати од Пописот во 2023 година во Албанија изрази денеска партијата на Македонците, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ). Ова единствена партија која ги застапува интересите на македонската заедница во Албанија нагласува дека бројките за македонското малцинство се манипулирани и фалсификувани.

Лидерот на партијата Васил Стерјовски на прес-конференција во Корча рече дека македонската заедница не може да биде колатерална штета на патот на Албанија кон европското членство. Тоа го поткрепи со заканите на Бугарија, најпрво со признавање на непостоечкото бугарско малцинство, а потоа и со нереагирање на нивните предупредувања за заканите од бугарските власти кон Македонците за да се попишат како Бугари и условувањето со добивање пасоши.

– Фактот дека Бугарија го контролира пописот во Албанија е што во Бугарија за време на пописниот период во Албанија, на социјалните мрежи беа објавувани фотографии од обрасците како се изјаснувале жителите во Албанија. Овие податоци се заштитени со закон, но Бугарија имала пристап. Членството на Албанија во Европската Унија е стратешка одлука на нашата земја како и барање на албанските граѓани без разлика на етничката припадност. Македонската заедница во Република Албанија не може да биде колатерална штета на патот на Албанија кон европското членство, кажа Стерјовски.

Според македонската партија, во Општина Пустец, каде притисокот на Бугарија е голем, од шест недели колку што траеше пописот, тој траел само три недели.

-А во текот на овие три недели од поплаките што ни пристигнаа, утврдивме дека попишувачите не посетиле многу домови и дека многу семејства кои биле физички лоцирани во Општина Пустец и кои барале да бидат попишани, некои од попишувачите напишале дека не живеат тука. Иако од ИНСТИТ ни беше ветено дека ќе бидат регистрирани сите жители на Општина Пустец, а пописниот рок во Пустец ќе биде продолжен за две недели, како што се случи во другите области во Албанија, тоа не се случи и многу жители не беа попишани, нагласи Стерјовски.

МАЕИ во име на Македонците не само што не ги „признава фалсификуваните пописни податоци за македонското малцинство, туку бараме и од државата и од меѓународните институции да го сторат истото, бидејќи овие фалсификувани резултати отворено излегуваат против уставниот поредок и европските аспирации на Албанија“.

-Затоа, бараме спроведување на нов попис, заснован на меѓународни стандарди и под меѓународен мониторинг, за да се гарантира чесен и транспарентен процес кој ќе ја одразува етничката реалност на Албанија. До Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција ќе доставиме барање да поведе истрага не само за ИНСТАТ, тку и за сите индиции околу пописот, најави Стерјовски.

Претходна вестПрилепчанец три години ги силувал своите две малолетни ќерки
Следна вестКисела Вода поставува надворешни пречистувачи за воздух во парковите