Трет ден и уште се актуелни доделените признанија „Св. Мајка Тереза“ од граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“. На социјалните мрежи изгледа се инспиративни за граѓаните одлуките здружението да им ги додели признанијата токму на министерот, Венко Филипче, директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Милена Стевановиќ, директорот на Градската општа болница „8 Септември“ Христијан Костов и директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле Ангелчо Андоновски.
-Очигледно здружението има потреба да се додворува некому па им ги додели признанијата на овие луѓе… Господа нив ги заслужуваат тие што се 24 часа во скафандери, со маски, неспиени, не ги имаат видено своите семејства со месеци, работат без заштита, па донатори – а не овие „силни“ директори – им дадоа визири!
-Секојдневно слушаме во вести особено за Костов, како го нема жив на работа. „8ми септември“ е ковид центар, медицинскиот персонал неколку пати протестираше, и не затоа што се луксузираат туку имаат сериозна потреба од помош.
-Доволно ќе беше на овие луѓе во фотељи да им кажете дека на докторите, техничарите и сестрите треба да им ги однесат признанијата, односно дека тие се само „курири“ без разлика на нивните вистински функции, а не дека се лични добитници на статуетките…, се само три од многуте критики адресирани до здружението.
Централната манифестација се одржа на денот на упокојувањето на светицата, на 5ти септември. Останува аманетот на функционерите, овие признанија да ги потсетуваат да им обезбедат соодветни услови за работа на медицинските лица и воопшто работниците во здравството. Но, и да ги задржат тука за да не остане Македонија без доктори.