Пред Управен суд ќе заврши случајот на одбивањето на Министерството за образование да му даде награда на осмооделенецот Дамјан Давков кој освои прво место на државен натпревар во конкуренцијата на средношколци. Никица Давкова, мајката на „штипскиот Питагора“, како што го нарекуваат талентираниот ученик, преку Фејсбук објави дека ќе ја искористат правната поука и по добиеното решение од МОН ќе поднесат тужба до Управниот суд. Таа им се заблагодарува на сите кои се понудиле да му ја исплатат наградата на Дамјан.
-Голема благодарност до сите поединци од Македонија што живеат овде, но и во странство, стопанственици, компании, болници, банки, бизнис сектор, музичари и други кои се понудија да ја исплатат наградата и повеќе од тоа. Принципиелно ги одбивме вашите понуди од причина што не станува збор за материјална корист, туку за подигнување на свеста за третманот на талентираните деца во Македонија. Се надеваме дека ова ќе придонесе за донесување законски решенија за поддршка и помош на потребите на овие деца. Благодарност до сите што дадоа поддршка. Што се однесува за добиеното решение од МОН, си има правна поука која ќе ја искористиме и ќе продолжиме понатаму, стои во објавата напишана од страна на Никица Давкова.
Таа неодамна реагира и на објаснувањето на министерката за образование Мила Царовска која вината ја префрлила на Сојузот на математичарите на Македонија затоа што дозволиле осмооделенец да учествува во натпревар на средношколци.
-Не е точно дека на натпреварите за средно може да учествуваат само ученици од средно. Зборот само го нема. Јасно е и зошто. Тоа би бил апсурд. Имено, секој што е во образование знае (би требало да знае) дека како и во спортот, така и во науката никаде во светот не е забрането помал ученик да учествува во категорија со поголеми ученици. За информација, на Светската олимпијада по математика – ИМО најмладиот учесник знам дека имал 11 години (можеби имало и помал). На ИМО 2020 Дамјан и уште 2-3 деца со 12 години беа најмалите учесници, а Дамјан е најмалиот учесник од Македонија што учествувал на ИМО, реагира Давкова.