Македонците со своите платежни картички во странство лани потрошиле 573.4 милиони евра, објави Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ која ги анализираше објавените податоци од Народната Банка на Македонија. Од нив, дури 34 проценти односно 195.6 милиони евра ги потрошиле онлајн, купувајќи производи и услуги посебно поврзани со патувања и трансакции за авио-билети и резервации на хотели онлајн.
Во однос на 2022 година Македонците за купување производи и услуги со платежни картички кон странски е-трговци во 2023 година потрошиле 25.3 отсто повеќе. Бројот на е-трансакциите кон странските земји изнесува 4.6 милиони, а просечната трансакција 43 евра. 72 проценти од вредноста и 80 отсто од бројот на направените трансакции се во Холандија, Обединето Кралство, Унгарија, Ирска, САД, Луксембург. Грција и Германија.
Македонците во 2023 година потрошиле најмногу пари во Холандија (27.5 милиони евра), додека во Луксембург направиле најголем број на трансакции (890 илјади). Највисока просечна вредност на е-трансакција Македонците оставриле во Унгарија односно 144.3 евра, додека во Луксембург Македонците направиле најниска просечна трансакција и истата изнесува 11.7 евра.
Нашите граѓани направиле најмногу трансакции кон Холандија, Обединето Кралство и Унгарија и оствариле вредност од 77 милиони евра, што преставува 39 отсто од вкупно остварената вредност онлајн во странство. Истото е очекувано ако се има предвид дека од овие земји потекнуваат Booking.com (Холандија), Амазон УК, АСОС (Велика Британија) и WizzAir (Унгарија), додека највисокиот оставерн број на трансакции од Македонци во Луксембург се должи на тоа што во Луксембург се регистрирани европските филијали на Амазон и AliExpress преку кои се одвиваат трансакциите за најголемиот дел од европските земји, без Велика Британија.
-Растот остварен во 2023 година во однос на минатата година изнесува 25 отсто наспроти 46 проценти во 2022 година спрема претходната. Притоа минатата година спрема земјите од каде што се букираат патувања и хотели имаше висок пораст, на пример кон Холандија (114 отсто и Унгарија (82.4 процнети), а во 2023 година истиот е забавен и изнесува 41.5 отсто и 21.6 проценти соодветно во однос на 2022 година. Најголем пораст во 2023 година од земјите кои сочинуваат 72 отсто од вкупната вредност остварена со македонски картички кон странски е-трговци е остварен кон Грција (81.6 проценти), вели претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Д-р Нина Ангеловска.
Од друга страна, странски иматели на платежни картички за купување производи и услуги од македонски е-трговци во 2023 година потрошиле 26.8 милиони евра, што во однос на минатата година претставува пораст од скоро 23 отсто. Остварената вредност странските онлајн купувачи ја направиле во 852.3 илјади трансакции или просечно потрошиле 31.4 евра по трансакција. Од вредноста на вкупно направените трансакции од странци кон македонски е-трговци во 2023 година 50 проценти припаѓаат на иматели на платежни картички од 8 земји. Скоро 4 милиони евра или 18.5 проценти од вредноста на трансакциите се направени од иматели на платежни картички издадени во САД, потоа 2.6 милиони евра или 9.7 отсто од Швајцарија и 1.7 милиони евра или 6.2 отсто од Обединетото кралство. Потоа следат германските иматели на картички кои направиле 5.6 отсто од онлајн трансакциите, Турција со 4 отсто, и Ирска и Бугарија 3 проценти од вредноста на онлајн трансакциите.