Македонецот Милош од Скопје, благодарение на брзата реакција успеа да спаси давеник од водите во Грција. Како што објави „Вечер“, во текот на вчерашниот ден во Грција, нашиот државјанин спаси Французин кој се давел во морето на една од плажите на острвот Крф.
Станувало збор за повозрасен граѓанин, отприлика 80-годишен кој штом влегол во морето, по кратко време почнал да се дави, но за среќа го забележал скопјанецот Милош, кој со семејството се наоѓал на плажата.
-Со син ми и сопругата одмаравме на плажа. Имаше и други туристи, претежно Англичани. Во еден момент моето 9 годишно синче почна да вика дека некој дедо се дави во морето. Не размислував ниту момент. Скокнав во морето и допливав до човекот кој веќе беше полусвесен. Го фатив силно под пазувите и пливав со него до обалата. Беше омалаксан, тежок и не зборуваше ништо. Успеав да го довлечам до обала, го легнав на плажата, а тој не мрдаше воопшто, вели за весникот „Вечер“, 33 годишниот Милош од Скопје кој со семејството е на одмор на острвот Крф.
Милош во разговорот истакнал дека дедото бил на плажа сам со сопругата која веднаш притрчала видно исплашена и немоќно гледала што се случува.
-Јас и мојата сопруга му укажавме прва помош, се освести, а во меѓувреме неговата сопруга се јави на некого на телефон, дојде едно возило и го однесоа. Жената не знаеше англиски и само ни викаше “ мерси, мерси…, вели Милош и додава дека го зачудил односот на другите луѓе на плажата кои со прст не мрднале „а човек пред очи ќе им се удавеше. Но, се е добро, кога добро ќе се заврши“.