Македонија е поробена земја, а за тоа исклучиво се виновни македонските политичари

Има само една алтернатива: граѓаните да влезат во бескомпромисна борба за надминување на проблемите со партизираната држава и заробените институции, вели академикот Коцарев

Академикот и доскорешен претседател на МАНУ, Љупчо Коцарев, во интервју за бесплатниот неделник „Македонско Ехо“ вели дека сака да живее во правна држава, во која ќе се почитува владеењето на правото и сите граѓани на Македонија ќе бидат еднакви пред законите

Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?

Македонското материјално, културно и духовно наследство. Заради ограничениот простор ќе спомнам дека композицијата „Оплакување Христово“ во црквата „Св. Пантелејмон“, инаку позната тема што се среќава во многу цркви, се разликува од другите фрески со истиот мотив според нагласеното истакнување на внатрешните чувства на изразот на лицата на прикажаните лица. Композицијата во Нерези се смета за предвесник на ренесансата во Италија, 150 години пред творештвото на Џото. Не треба да се заборават и делата на светите браќа Кирил и Методиј, Св. Климент, Чуповски, Мисирков, Конески и другите знајни и незнајни дејци, македонските народни песни и ора, македонските носии, македонските духовни храмови… листата е голема.

Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?

Материјалната деградација (неправедната приватизација и уништувањето на повеќето јавни институции во Македонија, вклучувајќи ги образовниот и здравствениот сектор) и културната и духовна деградација. Ако се земат предвид договорите со Грција и со Бугарија, Преговарачката рамка (официјален документ на ЕУ), неправедните пристапни преговори и непроменетиот, ненаучен пристап на Бугарија за непостоењето на македонскиот јазик, што, всушност, се потврди со Унилатералната изјава на Бугарија за непризнавањето на македонскиот јазик, поднесена до Советот на ЕУ, на 18 јули 2022 година, произлегува дека Владата, за да започнат пристапните проговори со ЕУ, веќе се согласила дека во Македонија не живеат и никогаш не живееле Македонци.

Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?

Не. Македонија е поробена земја: протекторат, вазал, банана-држава, неоколонијален феуд – изберете кој било од овие термини и нема да погрешите. А за тоа исклучиво се виновни македонските политичари, кои во минатите триесетина години, поддржувајќи лукративни, сервилни, недостоинствени форми на владеење, хм…, поточно, на дивеење, ја трансформираа Македонија од слободна земја во поробена земја, во која целосно се суспендираат македонскиот уставен поредок и правен систем.

Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?

Не треба да се суди ниту за една личност, ниту за едно општество, ниту, пак, за една институција, по тоа што тие самите го кажуваат за себе (не значи доцументум приватум), туку по нивното дело (значи како аргументум публицум). Но сепак: бев научен секретар (јануари 2008 – декември 2011), потпретседател (Јануари 2012 – декември 2015) и претседател на МАНУ (јануари 2020 – декември 2023). По вокација сум просветен и научноистражувачки работник – работев на универзитетите: УКИМ во Скопје, Универзитетот Калифорнија во Беркли и Универзитетот Калифорнија во Сан Диего. Автор сум на над 200 научни студии во над 50 водечки светски списанија со фактор на влијание во природно-математичките науки, техничко-технолошките науки, општествените науки и во хуманистичките науки. Дел сум од водечките 2 проценти светски научници од сите научни области на сите времиња, согласно тимот на Универзитетот Станфорд во САД (од 2020 година до денес).

Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

Освен со материјално, културно и духовно наследство на сите нејзини жители, се гордеам и со космополитизмот на Македонците – тој е иманентен на колективното битие на Македонците.

Во каква Македонија сакате да живеете?

Во предвечерјето на претстојниот циклус на избори, Македонија има само една алтернатива: граѓаните да влезат во бескомпромисна борба за надминување на проблемите со партизираната држава и заробените институции, со дивеењето, корупцијата, злоупотребите, непотизмот, со непочитувањето на државноста и суверенитетот. Сакам да живеам во правна држава, во која ќе се почитува владеењето на правото и сите граѓани на Македонија ќе бидат еднакви пред законите и ќе ги почитуваат и ќе се придржуваат кон законските прописи и норми. Сакам да живеам во држава во која приоритет на сите влади ќе биде обезбедување соживот и благосостојба на сите нејзини жители.

Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?

Потребни се сериозни заложби за поголеми издвојувања за наука – без наука Македонија нема да постигне економски раст и да обезбеди благосостојба за своите граѓани. Затоа, предлагам да се воведе Министерство за наука, иновации и технолошки развој, во чиј состав ќе влезат, освен постојниот Фонд за иновации и технолошки развој, и два новоформирани субјекти: Фонд за наука и Институт за вештачка интелигенција, при што двата фонда и институтот треба целосно да се департизираат. Што би одзел: слабеење на позициите на извршната власт и администрацијата, па затоа е потребно, да се намали бројот на ешалони на извршната власт, но и да се ограничи па дури и да се изземе извршната власт од раководење на јавните претпријатија, јавните установи и акционерските друштва во сопственост на државата (ЕМС, МЕПСО, Пошта и други).

Претходна вестПендаровски од Прилеп: Јазикот ни е гарантиран, идентитетот ни е гарантиран…
Следна вестЕвидентирале Турци кои воопшто не минале граница кај Блаце: Поведена постапка против двајца полицајци