Македонија – една изборна единица, пак доби нов датум од власта

Колумна на Никола Тасев:

Пак има најава дека ќе се менувал изборниот модел. Повторно истата приказна! И стана навика на Владата на извесен период да ја отвара оваа тема. Повеќе од потреба за задоволување на барањата од помалите партии и за подлажување на јавноста, со давање на некои датуми, отколку од искрена желба нешто да се стори. Исто како ЕУ што и доделува датуми на Македонија. И нашите министри научија нешто од Брисел.

Оваа ме потсети на едно писмо со желба: Македонија – една изборна единица, што македонската демократија му го имаше испратено на Дедо Мраз пред три години. А, по вчерашниот министерски настап се потсетив и на бројните ветувања на СДСМ на оваа тема. Уште во предизборната кампања во 2016 година и ветуваа на јавноста и на своите помали партнери – дајте да победиме, а во првата година од мандатот ќе го промениме изборниот модел. И победија. Еве ја завршуваат шестата година од владеењето, ама поместување на ова поле нема. Ветуваа и излажаа. Како и за многу други работи.

Ама еве пак дадоа нов датум – најкасно шест месеци пред изборите. Така објасни министерот. Плус се обрати до ВМРО-ДПМНЕ за концензус. Но, за Македонија конечно да ја почувствува вистинската изборна демократија и составот на Собранието да биде реален одраз на желбата на гласачите, министерот не треба да се обраќа до нив, оти опозициската партија уште лани позитивно одговори на иницијативата на помалите партии. Адресата на која министерот треба да побара концензус се владеачките СДСМ и ДУИ. Тие ја кочат работата. ДУИ од страв дека, со новиот изборен модел, ќе изгуби еден до два пратеника, а СДСМ од страв дека ќе ја изгуби власта и можноста да ги држи во скутот малите партии.

Како долгогодишен поборник на оваа идеја, многупати пишував на темава. Лесно е остварлива. Треба само воља од поголемите партии и пред се свесност дека нов изборен модел е за доброто на Македонија. Можат ли да се надминат себеси и своите стравови и барем еднаш да направат нешто добро за земјата?

Истовремено, со промената на изборниот модел, потребно е конечно да се прочисти и избирачкиот список. Дури ако е треба и преку активна регистрација на гласачите на секои четири години. Да не се случува небулоза во Македонија да има повеќе гласачи од жители.

Со промената на моделот, треба да се намали и бројот на пратениците, а секоја партија и група граѓани која ќе учествува на изборите мора да ја потврди сериозноста и со кандидирањето на листата да обезбеди поддршка од минимум 1.000 потписи.

Многу е важно и да се оневозможи предизборно коалицирање, за да се види вистинската сила на партите, а дузина „човек-партии“ кои со години се шлепаат во македонската политика да заминат во историјата.

Во историјата треба да заминат и „вечните“ политичари, чиј единствен квалитет им е лактањето до лидерот, кои, не само што ништо не дадоа за државата, туку со години ја цицаат. Тоа ќе се овозможи преку отворените листи. На тој начин и ќе се запази регионалната застапеност во Собранието, каде што ќе добиеме јаки личности, квалитетни пратеници, што народот ќе ги избере, а не како досега, на првите пет места на секоја листа да бидат фаци блиски до партискиот претседател.

Со новиот изборен модел, ќе се реши и проблемот со излезоста. Оти се повеќе народот не е заинтересиран да гласа кога однапред знае дека пратениците пак ќе се поделат меѓу поголемите партии, а многу гласови и идеи на граѓаните ќе останат пред портите на законодавниот дом, затоа што имаме изборен модел што форсира успех само на најголемите.

Затоа, адресата на која треба да се обрати министерот е кај двете владеачки партии. А за министерското писмо да стигне побрзо, за да има време следните избори да бидат по ново, треба да се погрижат и помалите партии, кои се дел од власта. Тие треба да го дигнат гласот на најјако, а не како досега да се задоволат со улога на статисти и глодачи на остатоци од коски.

Македонската демократија бара од сите парламентарни партии да овозможат секој глас да има еднаква важност. Тоа може само со една изборна единица и отворени листи.

Работата по ова треба да почне веднаш, во спротивно ќе имаме јасен сигнал од власта дека само купува време. А тогаш е веќе јасно дека друг сигнал е потребен до власта од помалите партии – треба веднаш да има предвремени избори.

 

Претходна вестДемократскиот сојуз бара ревизија за тоа како се трошат државните пари од БЕХТЕЛ И ЕНКА
Следна вестВо Грција денеска се штрајкува, земјата денеска без вести и информативни емисии