Македонија го слави Илинден – празник на непокорот и на македонската државност

 

Македонија денеска го одбележува 2 Август – Илинден, празник на кој ден се случиле најзначаните настани во поновата македонска историја. Ова е денот на кој се слави големиот христијански светител Св. пророк Илија-Илинден, но и ден кога во Крушево, во 1903 година се случиле славното Илинденско востание, а во 1944 година Првото заседание на АСНОМ на кое се удрени темелите на современата македонска држава.

Од тие причини Илинден има посебно значење за Македонците, бидејќи се слави и како верски и како национален празник, Ден на Републиката.

На денешен ден ќе се одбележат сто и деветнаесет години од Крушевската република, односно од 2 август 1903 година кога е кренато Илинденско востание на македонскиот народ против османлиската власт под раководство на Македонската револуционерна организација. Востанието е кренато во повеќе делови на Македонија при што најголемиот успех бил постигнат во револуционерниот округ Крушево каде е прогласена слободна Крушевска република. Востаниците го објавиле и познатиот Крушевски Манифест кој што повикувал сите луѓе кои живеат во Македонија, без оглед на вероисповест и етникум, да се придружат во борбата за слобода. Подоцна, турските сили го задушиле востанието по големите битки во близина на Слива и Мечкин Камен.

За време на Втората светска војна биле остварени целите на илинденските востаници. Повторно на истиот ден, на 2 август, во 1944 година во манастирот „Свети Прохор Пчински“, на вториот македонски Илинден, било одржано Првото заседание на АСНОМ. На Заседанието се донесени историски одлуки за државно конституирање на македонскиот народ и народностите во Македонија во рамките на тогашната југословенска федерација. На него се донесени повеќе решенија, меѓу кои се решението за конституирање на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија АСНОМ во врховно законодавство и извршно тело на Македонија и заведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава, решение за донесување декларација за основните права на граѓаните во демократска Македонија и други важни одлуки.

Денес се сслави и Свети пророк Илија Илија кој живеел во местото Тесвит, поради што во Библијата се среќава како Тесвиќанин. Кога се родил Илија, татко му Савах, видел необичен знак, околу детето имало многу Божји ангели гои го повивале со оган и му давале пламен да јаде. Ова видение таткото го раскажал на свештениците, а еден од нив му рекол да не се плаши зашто детето ќе биде под Божја заштита, зборот ќе му биде силен како оган, животот ќе му биде посветен на Господа и ќе суди со меч и со оган. Името Илија значи крепост Господова. Во народното верување свети Илија се смета за клучар кој го отклучува или заклучува небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој повела со летните грмотевици. Именден празнуваат: Илија, Илко, Илинка, Илинденка, Илина, Иљо, Илчо…И на иконите и фреските свети Илија е претставен во кочија што неколку коњи ја влечат кон небото. Кога Исус се преобразил на ридот Таор (на Преображение), за да им покаже на своите апостоли како ќе воскресне после смртта, за што ги повел и апостолите Петар, Јаков и Јован, тука се појавиле и Мојсие и Илија (кои одамна биле умрени). Тие зборувале со Исус за тоа што ќе се случи по неговата смрт.

По повод празникот денеска во Македонија ќе се одржат бројни чествувања. Одбележувањето на Денот на Републиката и Илинден на 2 Август ќе започне со настани во Скопје, во 8:00 часот, кога делегацијата предводена од шефот на државата Пендаровски ќе положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски и на генералот Михајло Апостолски, како и пред споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните на градските гробишта „Бутел“.

Потоа, делегации ќе положат свежо цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ во Скопје, на споменикот на Никола Карев пред Собранието, како и на спомен-обележјето на Методија Андонов-Ченто на Градскиот плоштад.

По свеченостите во Скопје, државно-црковна делегација по осумнаесет години, по повод 2 Август – Илинден, во 12:30 ќе го посети манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) на 2 август 1944 година.

Висока владина делегација, со државни почести и чествувања ќе го одбележи големиот национален празник Илинден во Крушево.

Претходна вестСАД го убиле лидерот на Ал Каеда Ал Завахари со дрон
Следна вестПендаровски на свој начин го честиташе Илинден