Тунел долг 6,4 километри заеднички ќе градат Македонија и Косово на новиот пат меѓу Тетово и Призрен. Договорот за кофинансирање за проектирање за изградба на тунелот на новиот патен правец Тетово – Призрен денеска потпишаа заменик министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи и министерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Република Косово, Либурн Алиу.
Физибилити студијата покажа дека најоптимална е трасата која започнува од Тетово преку Попова Шапка, Бродец и завршува во населеното место Вешала на македонска страна, а преку тунел ќе се поврзе со територијата на Република Косово.
-Поврзувањето со Косово ќе се направи преку изградба на тунел долг 6,4 километри, за што денеска го потпишавме овој договор меѓу двете земји. Избрано е најоптималното решение од причина што патниот правец минува низ ски центарот Попова Шапка, што е огромна предност за развој и зголемување на туризмот во овој регион. Ова е почеток на нов инфраструктурен проект кој несомнено ќе ја зацврсти нашата одлична економска соработка со Косово, изјави заменик министерот Беким Реџепи.
Министерот за животна средина и инфраструктура на Република Косово, Либурн Алиу истакна дека од косовска страна веќе се работи на патниот правец кој преку изградба на новиот тунел треба да се поврзе со Македонија.