Македонија е во групата на земји членки на НАТО кои издвојуваат помалку од 2 отсто (1,87 отсто) од Бруто домашниот производ (БДП) за одбрана. Тоа беше годишниот минимален праг на кој се обврзаа сојузниците во 2014 година, кога Русија го презеде Крим од Украина, но само 11 од вкупно 31 држава (Финска последна се придружи на Алијансата) останаа на зборот.
Членките на НАТО не плаќаат членство во организацијата и не должат ништо, освен придонес во административниот фонд. Но, Трамп веројатно не мислеше на административната такса, кога од митинг во Јужна Каролина се наврати во минатото, додека беше претседател на САД, на порака за лидер на „голема членка“ дека ќе ја скрати американската помош и ќе ја „охрабри Русија да прави што сака на сојузниците кои не вложуваат доволно во војската“.
Македонија, сепак, во 2024 година, според планот, треба да го достигне прагот од минимум 2 отсто од БДП за одбрана. Тоа го најави и министерката Славјанка Петровска пред Нова година.
Порталот forces.net изнесе податоци за средствата што секоја држава членка на НАТО ги издвојува за националната армија. Извештајот покажува дека само 11 држави издвојуваат повеќе од 2 отсто од домашниот БДП, границата по која, интересно, е Франција (1,90 отсто), Норвешка (1,67 отсто) и Германија (1,57 отсто).
На врвот се Полска и Грција. Со 3,90 отсто, интересно, Полјаците издвојуваат поголем дел, процентуално се разбира, од САД (3,49 отсто). Трети се нашите јужни соседи со 3,01 отсто. Земјите членки кои се граничат со Русија, ги зголемија своите издвојувања за НАТО од почетокот на руската инвазија на Украина. Естона е четврта со 2,73 отсто, следуваат Литванија (2,54 отсто), Финска (2,45 отсто), Романија (2,44 отсто), Унгарија (2,43 отсто), Летонија (2,07 отсто), Велика Британија (2,07 отсто) и Словачка (2,03 отсто).
Со издвојувања под 2 отсто од БДП, покрај Франција (1,90 отсто), Македонија (1,87 отсто), Норвешка (1,67 отсто) и Германија (1,57 отсто), се Црна Гора (1,87 отсто), Бугарија (1,84 отсто), Хрватска (1,79 отсто), Албанија (1,76 отсто), Холандија (1,70 отсто), Данска (1,65 отсто), Чешка (1,50 отсто), Португалија (1,48 отсто), Италија (1,46 отсто), Канада (1,38 отсто), Словенија (1,35 отсто), Турција (1,31 отсто), Шпанија (1,26 отсто), Белгија (1,13 отсто) и Луксембург (0,72 отсто).