Со шест милиони денари, односно околу 96.000 евра Македонија ќе и помогне на Хрватска во ублажувањето на последиците од земјотресот кој денеска и вчера погоди неколку подрачја. Веста на својот Фејсбук профил ја соопшти премиерот Зоран Заев.
– Солидарноста е првиот порив во овие моменти и ќе пружиме помош согласно потребите. До премиерот Андреј Пленковиќ и до сите хрватски граѓани погодени од земјотресот упатувам силна поддршка, напиша Заев во објавата.
Според последните информации едно 12-годишно девојче загина, а најмалку 20 лица се повредени во денешниот силен земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала, кој околу 12,20 часот ја погоди областа Петриња. Земјотресот силно се почувствувал и во Загреб и во другите подрачје во Хрватска. Градоначалникот на Петриња Даринко Думбович ја спореди состојбата во градот со Хирошима.
Потрагата по евентуални други жртви е во тек, а уште траат и проценките на материјалната штета како и на бројот на повредени. По главниот потрес околу 12.20 часот, во следните десетина минути во Петриња имало уште 4 помали потреси.
Европско-Медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ) процени дека разорниот потрес во Петриња од 6,2 степена по Рихтер го почувствувале околу 6 милиони луѓе. Потресот се почувствува во БиХ, Чешка, Германија, Унгарија, Италија, Црна Гора, Романија, Словачка, Србија и Австрија.