ВМРО-ДПМНЕ поднесе 26 амандмани на законот за попис

ВМРО-ДПМНЕ поднесе 26 амандмани на законот за попис. Според координаторот на пратеничката група на оваа партија, Никола Мицевски, се работи за суштински амандмани. Според него, исто така, факт е дека отпечатокот со прст дава сигурност во целата постапка за спроведување на пописот.

-Истите амандмани ќе ги аргументираме затоа што навистина се суштински и навистина се амандмани кои би значеле подобрување на самото законско решение и влевање доверба во целото ова решение што се нуди сега. Со загриженост ги следиме настаните затоа што во јавноста се бара оправдување за да се избегнат некои од барањата коишто ги има ВМРО-ДПМНЕ по однос на оваа статистичка операција којашто би требало да се направи. Значи избегнувањето на обезбедување фингерпринт е навистина нешто што не дава сигурност во целата постапка. Образложенијата дека тоа е скапа операција и ќе треба време не држи затоа што таква одлука за набавка во државната изборна комисија за таква апаратура има, меѓутоа не се префрлени пари од буџетот во ДИК за тоа, рече Мицевски.

Соред него многу е лесно државата да префрли пари за да бидат обезбедени овие апарати за отисок од прст со што на многу лесен начин ќе успееме резидентното население да го одвоиме од државјаните во Република Македонија.

-Дополнително, ако навистина сакаат да биде статистичка операција би требало методологијата да биде составен дел на законот за да можеме ние коишто го носиме законот целата таа методологија да ја имаме на увид и да продискутираме за тоа, а не потоа тоа да се носи со подзаконски акти во кои Собранието ќе нема учество. Исто така, многу е симптоматично барањето на врзан потпис на директорот и заменик-директорот затоа што сепак тоа се политички фигури, едниот е поставен од страна на СДСМ, другиот од ДУИ и не ја гледам потребата за врзан потпис за нешто што би требало да значи обврска на директорот на институцијата и зошто за тоа би требало да даде поддршка и заменикот на истата таа институција. Така што сметам дека има некои работи кои би требало да се подрасчистат, има некои работи коишто треба да се средат, еве сега додека трае Комисијата за европски прашања да имаме некои порелевантни информации и да имаме доверба во целиот процес, рече Мицевски.

Претходна вестДа ти е мерак Меси гол да ти даде
Следна вестМакедонија со шест милиони денари ќе и помогне на Хрватска по разорниот земјотрес