Македонските ракометари против Франција на отворањето на ЕП 2024, Лазаров порачува:„Ова е историја, не смееме да потфрлиме“

Ракометната репрезентација на Македонија заедно со Франција денеска од 18 часот со меѓусебниот дуел ќе го отворат Европското првенство што се одржува во Германија. Тоа ќе биде натпревар кој ќе се игра пред рекорден број навивачи, Европската ракометна федерација објави дека се продадени дури 53.000 влезници за првите два меча на ЕП кои ќе се играат на „Меркур Шпил арена“ во Дизелдорф. Ова е фудбалски стадион кој за потребите на ЕП беше пренаменет во ракометна арена и Македонија ќе ја има честа да игра на првиот натпревар.

Европската ракометна федерација потврди дека Македонија и Франција во овој натпревар ќе постават светски рекорд по бројот на посетеност.

Селекторот Кирил Лазаров изјави дека е задоволен што токму Македонија ќе биде дел од историјата.

-За нас голема е честа што ќе бидеме дел од историски натпревар, да играме пред 55.000 навивачи и тоа треба да биде голем мотив за нашите ракометари. Ова е одлично за ракометот како спорт, ако некој знае да организира ваков настан, тогаш тоа сигурно се Германците. Сите знаеме против кого играме, Франција според мене е најсилна репрезентација на ова ЕП, но нашата цел е да се прикажеме во добро светло. Сите сакаат да гледаат спектакл и ние не смееме да потфрлиме, изјави Лазаров.

Покрај во Диселдорф, натпреварите од прелиминарната рунда ќе се играат и во Берлин, Манхајм и Минхен.

Континенталниот собир во Германија е првото ЕХФ ЕУРО со 24 екипи чиј домаќин е една земја.

Група А (Дизелдорф/Берлин): Франција, Германија, Македонија, Швајцарија

Група Б (Манхајм): Шпанија, Австрија, Хрватска, Романија

Група Ц (Минхен): Исланд, Унгарија, Србија, Црна Гора

Група Д (Берлин): Норвешка, Словенија, Полска, Фарски Острови

Група Е (Манхајм): Шведска, Холандија, Босна и Херцеговина, Грузија

Група Ф (Минхен): Данска, Португалија, Чешка, Грција.

Двете првопласирани од секоја група одат во Главната фаза која ќе се состои од две групи со по шест селекции.

Европската ракометна федерација ги објави и судиските номинации за машкиот ЕХФ ЕУРО 2024 година во Германија. Помеѓу 18 двојки се и македонските арбитри Славе Николов и  Ѓорѓи Начевски.

Првенството се одржува од 10 до 28 јануари следната година, а бранител на шампионскиот трофеј е Шведска.

Претходна вестМетодија Шаторов – Шарло, беше против српската колонизација, јасно и напиша на Бугарија кои сме, им пречеше на југословенските комунисти…
Следна вестСветска банка: Македонска економија годинава со раст од 2,5 проценти, Косово ќе има 3,9 отсто