Малку се само две оставки во Судскиот совет, а и судовите треба да дојдат на ред 

Македонските граѓани континуирано со години имаат мала доверба во судството. Во последно време како што се раздрма Судскиот совет разочараноста е уште поголема. Во ова судско тело сега се поднесени две оставки. Доволно е тоа за да се средат работите?

Да потсетиме: она што преостана од составот на Судскиот совет треба да се грижи за независноста и професионалното работење на судиите. По низа скандалозни случувања со смени на претседателката, со донесени па повлечени одлуки, со непридржување на Деловникот за работа… почнаа и заминувањата на членовите. Судиите Зоран Герасимовски и Мирјана Радевска-Стефкова први решија да поднесат оставки од функциите членови на Судскиот совет, а причините за овој чекор засега се непознати за јавноста.

Станува ли јасно дека по сите скандалозности се потребни заминувања и на други членови на Советот? Или пак може најдобро е сите колективно да си дадат оставки?

Вакви барања веќе има во јавноста бидејќи дигнитетот и угледот на судиите, довербата на граѓаните во судството, едноставно не може да го бранат оние кои дозволија уривање на угледот на Советот. Оставки и од други членови бараат граѓански организации, експерти… . Станува, имено, се појасно дека без целосна промена на составот не е можно натамошно делување на овој орган бидејќи веќе го нема кредибилитетот, ја нема довербата…

На останатите членови на Советот сега е да размислат дали и натаму ќе останат во свои канцеларии и со високи плати или ќе го прифатат барањето на јавноста и така ќе придонесат за подобро судство.

Време е (впрошем доцна е веќе) да се отворат вратита за макар и делумни промени во судството, поточно за ново преиспитување за неговата поставеност и функционирање во општеството. Партиски влијанија при изборот на нови кадри, необјективност, чување на судски предмети во фиоки заради нивно застарување, врските на судиите со бизнисот и политиката… сето тоа е наталожено во судството. Поради тоа и довербата на граѓаните во судството е спадната на најниски гранки. Сите реформи, промени, проекти финансирани најчесто со странски донации… со цел да се изгради независен и објективен судски систем, не дадоа посакувани резултати.

Очигледно треба темелно преиспитување на поставеноста на судството во општествениот систем, но и за елиминирање на сите надворешни влијанија врз него. А тоа треба да ги опфати сите судски институции – од Судскиот совет па до Врховен, Уставен суд, апелациски и основни судии, Академија за судии и обвинители… Доколку со тоа што побрзо не се започне, скандалите како во Судскиот совет, ќе се повторуваат и на други нивоа.

А со тоа и судството во Македонија уште ќе тоне, а правдата ќе се оддалечува од граѓаните.

Претходна вестАпасиев: Да бидеме реални, д-р Јовев е разрешен затоа што е Македонец
Следна вестСкопјанец крвнички ја тепал партнерката, а пријател му давал „совети и упатства“