Малта му го прекина конзулскиот мандат на Анѓушев, тој ќе се бори за преиначување на одлуката на САД

Малта му ја прекина функцијата почесен конзул на таа земја во Македонија, на бизнисменот и поранешен вицепремиер, Кочо Анѓушев, откако беше обелоденето дека е ставен на најновата американска црна листа. Ова денеска го објави медиумот „Тајмс од Малта“ пренесувајќи ја информацијата од малтешкото Министерство за надворешни работи.

-Со оглед на ваквите случувања, Министерството го прекинува неговото назначување со непосреден ефект и внимателно ги следи најновите случувања, изјавил портпаролот на малтешкото министерство.

Анѓушев беше на чело на конзулатот на Малта во Скопје од октомври 2021 година по одобрение од владата на Малта.

Како одговор на прашањата на малтешкиот медиум, портпаролот на тамошното Министерство за надворешни работи соопштил дека нивното МНР никогаш не добило никакви негативни информации или податоци за него од назначувањето пред две години.

Според соопштението објавено во вторникот од страна на американскиот Стејт Департмент, Анѓушев нема право на влез во САД откако, како што велат, ја злоупотребил својата службена положба додека бил вицепремиер во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нашите владини институции и јавни процеси. Анѓушев беше вицепремиер задолжен за економски прашања од 2017 до 2020 година во Владата предводена од екс-премиерот Зоран Заев, кој тогаш беше лидер на СДСМ.

Анѓушев од своја страна денеска се заблагодари на пријателска Малта за честа да биде почесен конзул на членка на ЕУ во Македонија од 2021 година.

-Со оглед на одлуката на почитуваниот Стејт Департмент кон мене, со наводи со кои јас не се согласувам, но ги ценам и прифаќам како одлука, сметам дека не сум во можност, ниту пак Малта треба да има почесен конзул со сенка врз неговото име, колку и да е таа неоправдана. Се додека овие наводи не се преиначат, јас не сакам и не можам да се застапувам во име на било која држава или институција. Одлуката за ограничување на влез во САД е нешто што се однесува лично на мене и со тоа прашање треба да се носам јас лично, без за тоа да имаат негативни последици пријателски држави, личности, бизнис-соработници или институции. Во текот на вчерашниот ден лично го информирав министерот за надворешни работи на Малта за новонастанатата состојба, како и за мојата определба да ги искористам сите пропишани можности во правец на издржано и осовано преиначување на оваа одлука на администрацијата на пријателските САД. Министерот ме информира дека Малта одблиску ќе го следи развојот на настаните и дека во тој контекст ќе го земат предвид секој позитивен исход, соопшти Анѓушев.

Претходна вестГрад Скопје и УНДП во заедничка акција: Засадени 1.500 дрвја и садници во новата Ботаничка градина во Скопје
Следна вестСкопјанецот кој го возеше Палевски до Турција ќе добие кривична пријава