Маратонците ќе поминат преку Скопје на пат кон Крушево во спомен на Тоше Проевски

Тринаесет години од трагичното загинување на нашата голема музичка ѕвезда Тоше Проевски денеска ќе бидат одбележани со пригодни манифестации. Како и во изминатите години, во чест на Тоше ќе трчаат десет маратонци и денеска напладне треба да стигнат во Крушево на неговото вечно почивалиште на Гумење. Поради пандемијата годинава маратонот се одржува на територијата на нашата држава – од преминот Табановце, преку Скопје до Крушево. Двајца претставници на маратонците ќе истрчаат 10 километри во Нова Градишка, Хрватска, и таму ќе положат цвеќе во спомен на Тоше.

Пречекот на маратонците ќе го организираат средното училиште „Наум Наумоски-Борче”, основното училиште „Никола Карев” и Општина Крушево. Како и досега, на влезот на Крушево маратонците ќе бидат пречекани со црвени рози. Тринаесет години од смртта на Тоше ќе бидат одбележани кај новоизграденото спомен-обележје на неговото почивалиште на Гумење, за кое Владата обезбеди 10 милиони денари.

На музичката ѕвезда почит ѝ оддадоа и велосипедисти од тиквешкиот регион кои од 20 септември во рамки на проектот „Од срце за Тоше” возеа низ цела држава за да пристигнат во Крушево. Годинава на 9 август на Крушевското Езеро, пак се одржа првиот пливачки маратон „Тоше Проески” организиран од пливачкиот клуб „Вардар 2018″ од Скопје, со идеја да биде традиционален. На маратонот имаше повеќе од 40 учесници кои пливаа два и пол километри.

Спомен-куќата на Тоше во Крушево е отворена за посетители со почитување на протоколите за заштита од вирусот. Има околу 700 експонати во постојаната поставка која се обновува секоја година за роденденот на Тоше на 25 јануари. Годинава првпат беше изложена реплика од облеката што Тоше ја носеше на „Евросонг” во Истанбул во 2004 година.

Претходна вестМалолетник усмртил пешак со возило во Скопје, па избегал
Следна вестСкопје најголемо жариште на вирусот, најмногу во Аеродром, Центар…