Државниот завод за статистика дава максимални напори до крајот на утрешниот ден да се комплетира пописот. Наша цел е сите граѓани да се попишат и ниту еден да не остане непопишан, изјави денеска министерот за правда Бојан Маричиќ, откако вчера претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека не е проблем да се закаже седница за евентуално продолжување на рокот за спроведување на пописот, но ако измените на законот ги предложи Владата или 20 пратеници.
Од Државниот завод за статистика вчера најавија дека најдоцна до денеска ќе проценат дали има потреба да се бара продолжување на пописот.
До вчера процените на раководството на ДЗС се дека веројатно нема да има потреба од продолжување на операцијата, и покрај прекинот од неколку дена во почетокот, кој беше образложен со технички проблеми на апликацијата.
-Има уште време до утре, тоа што го знам е дека одредени реони се целосно попишани и тие попишувачи кои ја завршиле работата таму доаѓаат во реони каде што се уште има потреба да се врши пописот. Отворени се дополнителни пунктови каде граѓаните сами можат да се попишат доколку не биле најдени дома или од некоја причина досега не се попишани, рече Маричиќ додавајќи дека е во постојана комуникација со Заводот за статистика и врз основа на нивните проценки и информации ќе носат одлуки за понатаму.
Утре е поедниот ден од пописот, според законскиот рок. Иако оваа статистика операција вообичаено треба да трае 20 дена, овој пат беше даден дополнителен рок од пет дена, со оглед на очекуваните пречки поради ковид-пандемијата, како и поради тоа што земјава речиси една деценија чека на нови податоци за населението, со оглед на тоа што последниот попис беше спроведен во 2002 година.
Причината поради кои се отвори дилемата дали пописот треба да биде прродолжен е тоа што во првите неколку дена тој буквално запре поради проблеми со апликацијата.