Маричиќ кажуваше што сработил годинава…

При крајот на тековната година обично сите ги сумираат резултатите од сработеното. Тоа, преку завршна прес конференција за 2023 година го стори и заменик-претседателот на Владата, Бојан Маричиќ.

Вицепремиерот направи рекапитулација на најважните теми според динамиката за 2023 и го истакна успешното реализирање на скрининг-процесот, а дека 2024 година треба да биде година на обновен политички консензус за европска интеграција. Напомена и дека изминатата година и половина било остварено најважното во однос на стратешката цел – членство во ЕУ –  почетокот на преговорите, што, како што рече е клучна точка за трансформација на општеството.

Според него оваа година е една од најактивните и најуспешните на дипломатско – политички план. Вицепремиерот ја назначи подготвеноста за следната фаза од преговорите.

Како и низ целата година тој и овој пат пак го спомена и Уставот на Македонија.

-Покрај двата патоказа (патоказ за владеење на правото и патоказот за реформа на јавната администрација) и акцискиот план за унапредување на правата на заедниците помали од 20 % од населението во Република Северна Македонија, кои веќе се испратени до Европската Унија, ни останува и завршувањето уште една клучна обврска, а тоа се уставните измени, посочи Маричиќ.

Вицепремиерот истакна дека „уставните измени со ништо нема да му наштетат на нашето мултикултурно македонско општество“.

Тој истакна дека со подготовката и испраќањето на патоказите, предвидените мерки предвидени во патоказите имаат цел деполитизирана, ефикасна, ефективна и одговорна јавна администрација, која обезбедува висококвалитетни политики и лесно достапни услуги за граѓаните и деловните субјекти, кои се засноваат на европските принципи, и вреднува и придонесува за одржлив економски раст, владеење на правото, унапредување на судската власт, пред сè, преку зајакнувањето на независноста на правосудниот и обвинителскиот систем, борба против организираниот криминал и корупција, социјална кохезија и благосостојба.

Инаку, на настанов не беше споменато ништо посебно околу тоа дека баш оваа година го добивме најлошиот извештај од ЕУ за состојбите во Македонија.

Претходна вестУбаво: Уметници на бездомни кучиња им подарија 10 куќички во Скопје
Следна вестПоранешен германски вицеканцелар: Интеграцијата на мигрантите е неуспешна