Маричиќ: Нема да се загрози слободата на здружување ако се прифатат предлозите на ВМРО-ДПМНЕ

Не верувам дека ќе има какво било суштинско загрозување на чие било право за слободно здружување доколку во Собранието на Македонија бидат прифатени измените на Законот за здруженија и фондации што ги предлага ВМРО-ДПМНЕ, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. По учеството на панелот „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности!” тој рече дека е важно називи и дејствувања да не бидат спротивни на вредностите на општеството.

-Тоа подразбира контрола или ревизија на називите на некои зруженија кои би можеле да влијаат на јавната безбедност, јавниот ред и мир и на вредностите кои ги почитува нашето општеството, како антифашизмот и слободата. Здруженијата имаат јавна функција и јавна улога. Стандард е секаде во Европа нивните називи и дејствувања да не бидат спротивни на вредностите на општеството. За нас е важно тој баланс да биде добро воспоставен, меѓу правото на слобода на здружување и јавната безбедност или јавниот ред и мир и тоа ќе биде работата и на институциите – и на Центреалниот регистар и на судовите, за секој поединечен случај да се изјаснат, бидејќи законите важат за сите, но секој случај се разгледува поединечно и во секој случај аргументите за еветнуално укажување на називите треба да се разгледаат поединечно, изјави Маричиќ.

Одговорајќи на новинарско прашање, тој напомена дека ако пратеничката група на СДСМ се изјаснила дека ќе ги поддржи измените, тоа само значи дека ги уважува свеста и чувството кај граѓаните дека е потребно Законот во рамки на слободата на здружување да има определни рамки, меѓународно признаени и утврдени, кои ги има и во другите држави, за ограничување на слободата на здружување.

Според него, Законот е донесен пред повеќе од една деценија и измените што ги предлага ВМРО-ДПМНЕ не се единствените што треба да се направат. Поради тоа, Министерството за правда ќе продолжи со својата работа во овој сегмент.

– Мислам дека ќе продолжи работата на Министерството за правда зашто тоа не единствената измена што треба да се направи во Законот за здруженија и фондации. Тој Закон е донесен пред повеќе од десетина години и сигурно има работи кои треба да се допрецизираат, да се исправат, рече Маричиќ.

 

Претходна вестМукаетов: Да покажеме зошто ракометот е спорт број еден во Македонија
Следна вестАпасиев не простува – го затрупа Џафери со пријави, ќе имаат ли завршница?