Марко Цепенков само една година одел на училиште, ама 40 години ги запишувал македонските народни умотворби

Најголем собирач на македонски народни умотворби. Тоа е епитет кој речиси секогаш го придружува изговарањето на името на Марко Цепенков, кој почина на денешен ден пред 103 години, на 29 декември 1920 година.

Од сите собирачи на македонското народно творештво, Цепенков има временски најдолг запишувачки „стаж“ – повеќе од 40 години собирал народни умотворби. Освен тоа, за разлика од другите најистакнати собирачи на македонските народни умотворби – браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев, Стефан Верковиќ, кои во својот фонд собрани фолклорни материјали имаат и такви што ги добиле од други запишувачи, Цепенков лично самиот ги запишал своите фолклорни и етнолошки материјали.

Сознанијата велат дека првите записи за македонски народни песни и приказни ги запишал во периодот 1856-57 година, што значи кога имал околу 27 години. Во вкупниот број на публикувани и непубликувани негови дела можат да се набројат повеќе од 5.500 пословици и поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, 400 верувања и клетви, 300 благослови, 350 баења, 2900 соништа и нивни толкувања, 70 детски игри, јазичен и етнолошки материјал (речник, тајни јазици, описи на занаети, обичаи, обреди, реквизити од домашниот материјален живот и народната аргономија и сл.).

– Кога ги чув тие зборови од покојниот Д. Миладина, на срце ми паднаа и си реков со умот, чекај и јас песни ќе пишувам. Отпрвин само песни записував, а кога во Чолаковиот Зборник оти имаше и приказни печатени, а пак јас знаев сто и педесет приказни, почнав да си ги пишувам по една – две во недела… Вака во својата Автобиографија Марко Костов Цепенков го запишал своето сеќавање на средбата на писателот Димитар Миладинов со неговиот татко Коста на која му кажал дека запишувал песни и други народни творби „за да останат за споменот за нашето потекло“.

Тоа било доволно младиот Марко, кој се родил на 7 ноември 1829 година во прилепското село Ореовец да почне и тој да ги собира народните умотворби ширум Македонија.

 

Цепенков е роден во сиромашно семејство и заради тешката материјална состојба, основно образование учел само една година, а потоа продолжил да го учи терзискиот занает. Работел како терзија во Струга, Кичево и Крушево, а во Битола кратко време со неговиот татко држеле и дуќан за тутун. И покрај отсутството од образование самиот го усовршил читањето и пишувањето преку „Букварот“ и „Псалтирот“. По враќањето во Прилеп отворил свој дуќан и станал мајстор терзија, а љубовта кон книгата ја негувал преку читање на житија, вечни календари, списанија и други текстови а се зафатил со учење на грчкиот, влашкиот и турскиот јазик.

Од денешна перспектива, материјалите што тој ги собрал се особено значајни бидејќи се пишувани од Цепенков онака како што ги слушнал. Тоа, дека населението во Македонија говорело на македонски јазик, јазик што тогаш поради историските околности сѐ уште не бил стандардизиран, можеме да се согледа токму од материјалите што се објавени во неговите дела. Станува збор за поговорки и македонски народни приказни. Во делот што се однесува на поговорките, меѓу другото можеме да се прочитта и следните: „Ако имаш пари, секои за татко те сака; Да не стори ниет чоек, да не се обогати; Денеска се сторил господар, утре гоедар“…

Своите запишани фолклорни и етнолошки материјали Марко Цепенков ги собрал претежно од Прилеп и неговата околина, но и од Битолско, Скопско, Штипско, Велешко и Дебарско. Соодветно на обемниот фонд собрани народни умотворби, голем е и бројот на интерпретаторите од кои Цепенков ги слушал и запишувал своите фолклорни материјали.

Освен што собрал огромен фолклорен Цепенков пишувал и свои лични творби; драмата: „Црне војвода“, „Автобиографијата“, песните:  „Мојата песна“, „Редењето на дедо Марко Цепенков“, „Мајка Македонија ги советува своите чеда да востанат против тиранијата на Турците“, „Македонцко тажејње“, „Позив од Мајка Македонија“ и др.

Со сето тоа Марко Цепенков има немерлив придонес во македонската фолклористика и културата воопшто.

Претходна вестСончево со малку облаци
Следна вестПензиите ќе се исплатуваат на 2 јануари, а Комерцијална банка започнува од денеска