Повик до разрешениот директор на Клиниката за кардиохирургија Сашко Јовев да биде национален советник за кардиохирургија упати денеска министерот за здравство Фатмир Меџити. На брифингот со новинарите тој рече дека Јовев му е пријател и пред неколку дена пиеле кафе заедно, но и дека му понудил да му биде советник во кабинетот.
– Професорот ќе продолжи со работа како здравствен работник во Клиниката за кардиологија и ќе биде послободен од административни обврски, ќе има повеќе време за пациентите. Ќе ја има мојата посветеност и поддршка во натамошното работење, изјави Меџити за сменетиот директот на Клиниката за кардиохирургија кој прв во Македонија изведе трансплантација на срце.
Според него, целта е Клиниката за кардиохирургија и програмата за трансплантација да функционираат позитивно и да се зголемат резултатите. Меџити не одговори на прашањето дали ќе ја ревидира својата одлука за Јовев да се врати на директорската функција, туку рече само дека „тој ќе остане вработен“. Министерот рече дека причина за разрешувањето на Јовев е нивното несогласување во врска со плаќањето на дежурствата во текот на 2022 година.
Тој предупреди дека нема да дозволи нерегуларности и неработење од страна на директорите на клиниките. Најави дека ќе има и други смени.
– За секој што ќе згреши пред законите, ќе има одговорност, без компромис. Ова здравство не функционира, јас сум автокритичен. Вложивме многу труд и напор, правиме сè за да ги подобриме условите, рече Меџити.
Разрешениот директор Јовев утринава изјави дека останува да работи на Клиниката.
-Нема да се спакувам и да си заминам. Ако јас си одам од Клиниката, ќе дојде и целиот тим со мене. Грев е да ја растуриме и затвориме Кардиохирургија. После вчерашниот прес добив уште поголема поддршка и од партијата СДСМ, чие што место е ова директорско место. Од друга страна имам поддршка и од сите колеги од ДУИ. Јас тука влегувам како професионалец, како човек што си ја сака земјата и пациентите, потенцира д-р Јовев во емисијата „Утрински брифинг“.
Што се однесува до дежурствата, вели тој, сите директори дежураат, особено кај него, кога има млад и спремен тим.
-Јас сум 24/7 таму и работам постојано. Една операција ми трае и по 6 часа, а на операција не спијам нели, оперирам. Мојата фамилија ја жртвувам за обврските на работа. Мислам дека изјавата на министерот излета, не верувам дека е злонамерно кажано. Едноставно се чудам и се сомневам дека нешто поголемо стои, иако не сакам да верувам во тоа, рече Јовев.