Државната компанија МЕПСО е цел на хакерски напад поради кој вон употреба се серверите, но снабдувањето со електрична енергија во земјава не е загрозено. Ова денеска го соопшти оваа компанија откако веќе два дена не функционираат сајтот и серверите.
-Иако АД МЕПСО ги има преземено сите мерки за заштита од сајбер напади од највисок степен, сепак, деновиве се соочивме со инциденти од тој вид. Имајќи предвид дека основната дејност на АД МЕПСО е пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем, ја информираме јавноста дека критичната електроенергетска инфраструктура е безбедна, целосно функционална и не е предмет на овој сајбер напад. Тоа значи дека целосниот интегритет на електроенергетската мрежа и снабдувањето со електрична енергија не се загрозени, соопштија од МЕПСО.
Овој електропреносен оператор додава дека случајот е пријавен до сите надлежни институции и дека стручните служби во компанијата помогнати со надворешни експерти се обидуваат да ги ублажат ефектите и да ја нормализираат работата.