Јас сум за влада на широко македонско национално единство, сега имаме власт потчинета на ДУИ, истакна Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вчерашното интервју во емисијата 360 степени. Според него треба да се одржат предвремени избори, а каква ќе биде идната влада зависи од резултатот, но дека тој е за влада со широко македонско национално единство, а не за влада како сега која е потчинета на ДУИ.
– Дали ќе има и каква ќе биде идната влада, зависи од резултатот на изборите кои што би биле или предвремени или редовни. Така што најпрво е потребно да се случат тие избори, врз основа на резултатот од тие избори ќе треба да видиме кои, што и со какви параметри располага, па дури потоа да седнеме да разговараме за политики, да видиме дали ние можеме да конвергираме кон исто решение врз основа на тие политики. Јас сум за влада во која што ќе имаме едно широко македонско национално единство, бидејќи сега сме во влада во која што има се, само нема македонско единство. Имаме премиер кој што нема народен легитимитет и имаме македонска условно кажано политичка партија која што е малцински потчинет партнер односно во заложништво на оние кои што вистински управуваат, истакна Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека по 20 години на власт, време е ДУИ да оди во опозиција. На прашањето дали и доколку победи ДУИ кај етнички Албанци треба да се опозиција, претседателот Мицкоски истакна дека според оние бројки кои што ги има ВМРО-ДПМНЕ од анкетите на граѓаните, тој не е сигурен дека ќе победат.