Мицкоски: Меѓу првите странски директни инвестиции на новата влада ќе е инвестиција во енергетиката – нов ветропарк помеѓу Карбинци, Штип и Радовиш

Производството на електрична енергија од обновливи извори треба да е во нашиот фокус, но чекор по чекор да се одвива тоа, бидејќи брзи резултати не се возможни. За тоа е потребно време. Меѓу првите странски директни инвестиции на новата влада ќе е инвестиција во енергетиката – нов ветропарк помеѓу Карбинци, Штип и Радовиш за производство на електрична енергија, најави денеска Христијан Мицкоски, мандатар за состав на новата влада.

-Тоа ќе биде голема инвестиција, колку што сум информиран и со податоците со кои располагам, во моментов се предвидува производство на електрична енергија приближно еден терават час што е еден милион мегават часови, а што е приближно 20 отсто од целокупното производство на електрична енергија во земјава и ова би било прва директна странска инвестиција која ќе ја објави новата влада во Македонија, истакна Мицкоски.

Во денешното обраќање на македонскиот енергетскиот форум тој рече дека кога се работи за енергетската транзиција треба да имаме предвид дека е сложена и доста скапа таа транзиција.

-Кога зборувам за социјалното влијание од енергетската транзиција зборувам за иднината на луѓето кои се веќе ангажирани во нашите производствени капацитети кои користат јаглен, произведуваат електрична енергија. Не треба тука да се занемари фактот дека повеќе од 4,000 семејства зависат моментално од производството на електрична енергија од термо електраните, термо електраната во Битола и Осломеј. Лесно се зборува за таа транзиција, но не е толку лесно да се зборува за човечките животи, бидејќи ако се затворат тие производствени капацитети, прво ќе го изгубиме примарното производство што е многу важно за нашиот систем и ќе се соочиме со огромен предизвик енергетска криза како што беше пред неколку години бидејќи без примарно производство побарувачката ќе расте а со обновливите извори, јас сум инженер и не сум убеден дека за 365 дена дека може да имаме стабилно снабдување со електрична енергија од обновливи извори, потенцира тој.

Мицкоски посочи дека со добар план и добар надзор во енергетските капацитети ќе може да се заврши оваа процедура.

-Како електро енергетски сектор не сме подготвени, но со добар план со добар надзор електро енергетските капацитети ќе можат да се заврши оваа процедура успешно, но за тоа ќе треба време. Во енергетиката брзи резултати не се возможни бидејќи тоа би било чудо, но ние не правиме чуда, никој во светот не прави чуда затоа треба да ја имаме реалноста во предвид и треба да работиме врз основа на прецизни планови со конкретни одредници. Производството на електрична енергија од обновливи извори треба да е во нашиот фокус, но чекор по чекор да се одвива тоа, бидејќи брзи резултати не се возможни. За тоа е потребно време и тоа треба да го имаме предвид инаку нема да успееме, рече Мицкоски.

Претходна вестГерасимовски: Да беше наша надлежност, ѕидот одамна ќе беше саниран
Следна вестЃорческа чека влез на Вимблдон, визата за Велика Британија уште не е одобрена