Мицкоски најави детали за убиството на Вања, Спасовски го повика да ги достави доказите

Многу брзо од денеска јавноста ќе ги знае сите детали за убиството на Вања Ѓорчевска, најави синоќа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Во интервјуто за телевизија на албански јазик Шења тој рече дека има сериозни информации околу истрагата.

-Има големи недостатоци во истрагата, која започнува предоцна. Имам сериозни информации за ова што го тврдам. Погледајте кога објавува ќерката на лицето кое е исчезнато со неговото возило, видете која е датата кога за жал малата Вања исчезнува и потоа видете кога почнува истрагата. Но тоа сега нема да го дискутираме тоа бидејќи како политичка партија а лично и јас бевме надвор од сето ова намерно за да не се создава впечаток како они што создаваа со децата од Смилковско и малата Тамара, затоа не се мешавме и воопшто да не влијаеме на процесот за да не бидеме лошо сфатени. Но, за месеци од денеска сето ова ќе биде изнесено на лице пред јавноста и ќе знаат луѓето што направиле овие луѓе. Тие информации што јас ги знам се сериозни, кажа Мицкоски.

Запрашан за тоа зошто не се реагирало брзо, тој посочи дека ќе дојде денот кога и на ова прашање ќе дадат одговор, бидејќи сега е залуден одговорот.

-Од Спасовски со месеци наназад баравме оставка, него му се случија криминалци белосветски да добиваат пасоши, него му се случија скандали како на никој министер за внатрешни работи во историјата на Македонија и него око не му трепна. Напротив тој со овој полусвет живееше, стимулираше и мислеше дека ако ја напаѓа опозицијата преку овој полусвет и мене лично и моето семејство дека на тој начин ќе обезбеди мир за себе, но нема да обезбеди мир додека сум јас жив. Нема да обезбедат мир сите овие кои се виновни за смртта на малата Вања, потенцира Мицкоски.

Од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение обвинија дека МВР направило низа пропусти во истрагата за убиствата на Палевски, а што ја отвора дилемата дали Вања можела да биде спасена.

-Треба да се одговори зошто веднаш МВР не тргнала во потрага по возилото на убиениот Панче по што полицијата ширум државата преку редовни контроли можела да го лоцира за неколку часа? Доколку имала централна објава за возилото на тогаш исчезнатиот Панче многу мала е веројатноста дека истото слободно ќе се движело низ Скопје, соопштија од партијата.

Од друга страна, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска одговори дека „политиканството во вакви случаи на убиства, уште еднаш ги убива жртвите и тоа не е добро“. Според него, тоа се политиканства од најдолен вид што ги преземаат такви екстремни десничарски кругови.

-Не сакам сите да се приклучуваме во политиканство, туку да се прошири истрагата и сите криминални гнезда да бидат откриени и уништени. Секако дека тука се испитуваат и многу видови на комуникација кои што ги имале осомничените со лица надвор од круговите. Важно е радикалните структури да бидат разбиени. Упатувам апел до сите да имаме одговорно однесување. И Мицкоски и сите што имале докази, да ги предадат веднаш на истражните органи. Доколку не се предадат, тоа е кривично дело, кажа Спасовски по работната средба со раководствата на СВР Битола, СВР Охрид и РЦ Запад.

Околу приведувањето на адвокатот на Љупчо Палевски-Палчи, министерот истакна дека се уште трае распитот и кога ќе заврши ќе одлучат надлежните служби дали ќе биде одреден притвор и за него.

-Уште вчера се работи на подготовката и преведувањето на документацијата за екстрадицијата на Палевски. Очекувам денеска целосно да биде подготвено, кажа првиот полицаец.

Спасовски додаде дека Палевски патувал низ Србија, Бугарија и Турција со македонски пасош.

Претходна вестКовачки: Возилото со кое е киднапирана Вања 3 дена било на скопските улици, МВР не преземало соодветни мерки
Следна вестРепубликанците ја блокираа новата помош на Бајден за Украина и за Израел